септември 16, 2021

Скопје, 16. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве Народниот правобранител испрати допис до Министерството за образование и наука во врска со начинот на следење на наставата за време на пандемија.

Народниот правобранител самоиницијативно отвори предмет на оваа тема, оти една од неговите надлежности е и зачувување на правата на децата. Правото на образование е едно од нив.

-Лани бевме неспремни за почетокот на учебната година, но годинава имавме време да се подготвиме, вели за Утрински брифинг Васка Бајрамовска-Мустафа, заменик народен правобранител.

Таа информира дека Народниот правобранител и годинава добива поплаки за начинот на одвивање на наставата на почетокот на учебната година.

-Годинава почна подобро, донесени се протоколи за спроведување на наставата да биде безбедна, но тешко е да се реализираат тие протоколи. Едно е на хартија, друго е во практика, вели Бајрамовска-Мустава за Утрински брифинг.

Главните поплаки што ги добива Канцеларијата на Народниот правобранител се однесуваат на долготрајното носење маски, одржувањето на хигиената и неможноста да се контролираат децата да внимаваат на протоколите.

-Учениците се деконцентрирани оти часовите траат предолго за да можат за сето време да ги носат маските. Тоа предизвикува деконцентрација, а кај помалите ученици родителите имаат проблем да ги натераат да одат на училиште и да следат настава под вакви услови. Оттука, нашата препорака до МОН е да се скратат часовите, како и да им се дозволи на директорите самите да ги организираат часовите онака како што налагаат нивните можности, вели Бајрамовска-Мистафа.

Освен ова Народниот правобранител реагира за исклучувањето на децата со попреченост од наставата оти годинава ним не им се овозможени образовни асистенти. Исто така проблем се појавува и со децата кои од одредени причини следат онлајн настава – едноставно нема услови за тоа.

-Секое дете мора да има квалитетна и безбедна настава и образование. Но, една е состојбата во големите градови, а сосема друга во помалите. Ги повикуваме од МОН да појдат на терен и да проверат како стојат состојбите во помалите места. Според наши сознанија, ретко каде во малите места се почитуваат протоколите, вели Бајрамовска-Мустафа.

Таа како проблем ја истакна и обврската што им се наметнува на родителите и наставните самите да обезбедуваат средства за хигиена, бидејќи не им е обезбедена како што би требало и да биде. Бајрамовска-Мустафа вели дека МОН би требало сериозни да ги сфати препораките на Народниот правобранител оти се произлезени од увид на терен и разговори со засегнатите страни – наставниците, родителите и децата. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука