ноември 4, 2021

Охрид, 4. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Потпишан е Договорот за доделување награда на ООУ „Григор Прличев“ Охрид како прворангирано училиште за истражувачки проекти во рамки на „Предизвикот за млади истражувачи #4 – ЗЕЛЕНИ ПРОЕКТИ“, што се спроведе во месеците мај и јуни од страна на Фондот за иновации и технолошки развој.

Следниот месец училиштето ќе започне со реализација на својот проект „Влијанието на користењето на алтернативни извори на енергија врз зачувувањето на здрава еколошка средина“.

Можно е да е слика од 3 луѓе и текст

– Истражувањето ќе го спроведат ученици од предметна настава од централното и подрачното училиште во населбата Рача, под менторство на наставниците Цветанка Ристеска и Благоја Ристески, со поддршка на директорката на училиштето и службата како и сите вработени во училиштето. Заедничко нешто на сите е грижата за заштитата на нашата околина, унапредување на еколошата свест кај соучениците уште од најмала возраст, но и во поширокото опкружување. Истражувањето ќе се реализира преку собирање податоци за загадувањето при производство на електрична енергија во термоцентрала. Ќе се постават соларни сијалици и ќе ја пресметаат заштедата на електрична енергија. Ќе ја мерат јачината на светлината со претходно програмиран MICRO BIT и ќе утврдат дали зависи од интензитетот на сонцето, а ќе истражуваат како максимално да се искористи сончевата енергија и ќе се обидат да конструираат модел макета на соларен робот, соопштија од училиштето.

Од резултатите се очекува да се потврди дека помалата потрошувачка на електрична енергија води до помало загадување на околината, а еден од начините тоа да се постигне е замената со сончева енергија, како и можните начини на нејзино максимално искористување. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука