ноември 12, 2021

Скопје, 12. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес конференција со апел до граѓаните да не ги организираат славите, или да ги организираат во што помал број.

Многу мини-бранови тргнаа од тие прослави, граѓаните да бидат посовесни и да внимаваат на своето и на здравјето на другите, нагласувајќи дека надлежните не можат да исконтролираат буквално сé.

– Доаѓа период на заладување на времето и почести собири на граѓаните во затворени простории. Сега доаѓаат и семејните слави. Ги замолувам граѓаните да не ги организираат славите, или да се сведат на минимум, само во кругот на семејството. Од семејните слави, ифтари имавме многу мини бранови и ние како држава тоа не може да го контролираме. Тука е државата со своите институции да контролира таму каде може, но апсолутно граѓаните мора да се совесни, потенцира Филипче.

Комисијата за заразни болести не препорача нови анти-ковид мерки

Додаде дека актуелното оптоварување на здравствениот систем е со невакцинираните лица, па уште еднаш упати апел до граѓаните да се имунизираат. Истакна дека нема да има нови рестриктивни мерки за заштита од COVID-19. Меѓутоа, можни се дополнителни мерки за невакцинираните.

– Вирусот е многу непредвидлив, еве и ако има нов сој тоа значи дека ќе има некои нови карактеристики и затоа за тоа што се прави во регионот и какви се ефектите од тоа ќе дискутираме следната недела. Ако има некаква мерка, што нас ќе ни помогне, ние тоа ќе го направиме. Апсолутно сметаме дека овие се сосема доволни, но треба да се почитуваат. Да се почитуваат во угостителските објекти, на сите места кадешто има собири. Мерките се добро димензионирани, еднакви се како во сите развиени европски земји. Тоа е единствениот начин да може да се функционира нормално и го повторуваме апелот – да се зголеми опфатот со вакцинација, порача Филипче.

Комисијата за заразни болести на денешниот состанок не донесе нови анти-ковид мерки. Препорачано е само почитување на постоечките мерки носење маска и држење дистанца и да се зголеми вакциналниот опфат. Согласно Владината одлука од понеделник ќе бидат потребни две дози вакцини или потврда за прележан COVID-19 во последните 45 дена при влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, угостителските објекти, на бензинските станици, во казината и обложувалниците и објектите за организирање веселби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука