ноември 17, 2021

Скопје, 17. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Комисијата за заразни болести излезе со нови предлози за усвојување од Владата во насока на зголемување на опфатот со вакцинација против COVID-19.

Се прелага сите вработени во јавниот сектор, во локалната самоуправа и сите институции што спаѓаат под нив за одење на работно место прикажат потврда за најмалку една примена доза вакцина или да имаат негативен PCR тест што ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок. Се препорачува на овие мерки да се приклучи и приватниот сектор, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

– Како солуција треба да имаат потврда за прележан ковид не постар од 45 дена, или ќе имаат потврда од лекар специјалист дека вакцината не може да ја примат, а тоа се оние ретки имунолошки состојби за што ќе излеземе со соодветна листа на болести и специјалисти кои ќе може да ги издаваат потврдите. Препорачуваме на овие мерки да се приклучат и приватните компании, веќе имаме потврда, очекувмае дека ќе може да се приклучат, со оглед на тоа што од Сојузот на стопански комори стигна писмо со слични барања, а со цел да се заштитат производствените капацитети и целиот економски процес во земјата, рече Филипче.

Покрај тоа се препорачува и вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствените работници. Овие мерки би стапиле на сила 10 дена по усвојување од Владата за граѓаните да имаат време да се вакцинираат, а период од 30 дена за 20-30% здравстени работници кои сé уште не се вакцинирани.

– Процесот на контрола од страна на сите инспекторати бараме да се ажурира, имаме и електронски алатки за контрола, со што се елиминира можноста за фалсификат сертификати. Ќе препорачаме да има одговорно лице кое на влез во институцијата ќе врши контрола.
Нови казнени мерки кои ќе се однесуваат за физички и правни лица ќе ги одлучуваме на следната седница на штабот и на Влада. Верувам дека со овие предлози ќе има добар одзив кај граѓаните да се вакцинираат, додаде Филипче.

После мини пикот кога за неколку дена се наполнија ковид центрите, министерот вели дека ситуацијата делумно спласна, но доаѓа зимски период на настинки, а болниците мора да работат и за другите пациенти.

– Близу 80% од ковид пациентите кои се лекуваат во болница не се вакцинирани. Тешко е да се каже со сигурност како ќе оди епидемијата, но мора да сме подготвени за лоши сценарија кои значат оптоварени болници, полни ковид центри, но и други одделенија што се пренаменуваат. Тоа не може да оди до недоглед, пренаменување на одделенија значи дека другите пациенти чекаат, а мора да се мисли и нив, додаде Филипче.

Потенцира дека вакцини има доволно, ќе пристигнуваат нови количини до крајот на годината, а веќе за утре се очекува донација од Полска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука