ноември 22, 2021

Скопје, 22. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Главниот координативен кризен штаб денеска ќе одржи седница на која ќе одлучи дали ќе ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести – невакцинираните во јавниот сектор да мора или да се вакцинираат или еднаш неделно да се тестираат за да одат на работа.

На дневен ред ќе бидат и другите предложени рестрикции со кои се прави обид да се зголеми вакциналниот опфат, меѓу кои и задолжителна вакцинација за здравствените работници.

Мерките кои вчера ги предложи Комисијата за заразни болести ќе почнат да се спроведуваат 10 дена откако ќе бидат изгласани на владина седница. За контрола на вакциналниот и ковид статусот на административците задолжен ќе биде редар поставен од секоја институција.

Слични рестрикции за вработените во јавниот сектор има Хрватска од каде што се копирани и македонските предлози.

Откако министерот за здравство Венко Филипче најави дека ќе се воведува задолжително тестирање на сметка на вработените административци со ПЦР тест на секои 72 часа, бројни работнички синдикати се јавија со поделени реакции и ставови. Сојузот на стопански комори пак, ја прифати иницијативата и сугерираше истите проверки да се прават и во приватниот сектор за да се обезбеди сигурен производствен процес. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука