ноември 22, 2021

Скопје, 22. ноември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Уште е неизвесно дали административците ќе мора да се тестираат на ковид од сопствен џеб или да се вакцинираат бесплатно ако сакаат да одат на работа. На Главниот координативен кризен штаб на денешната седница не беа донесени заклучоци за мерките коишто Комисијата за заразни болести ги предложи минатата недела.

Мерките се однесуваат на вработените во јавниот и државниот сектор и истите предвидуваат за влез на работното место да се приложи вакцинален сертификат со примена најмалку една доза ковид вакцина ПЦР тест не постар од 72 часа кој е на трошок на самиот вработен или сертификат дека го прележале вирусот, пред не повеќе од 45 дена.

Според најавите, мерките ќе се разгледуваат утре на владина седница, претходно, министерот за здравство Венко Филипче ќе има средба со претставници на работничките синдикати. Со предложените мерки се предлага и вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници.

Филипче, презентирајќи ги предлог мерките на главниот кризен штаб посочи дека тие се целосно издржани и дека ќе дадат резултат за одржување на релативно стабилната епидемиолошка состојба во земјава, како и за зголемување на вакциналниот опфат. Според него, болниците во земјава се полнат со невакцинирани, односно 80 проценти од хоспитализираните не примиле две дози вакцина. Ваков вид мерки, но и доста поригорозни, има во Бугарија, Хрватска, Словенија, Грција, Австрија и Холандија. (Крај)

извор: Слободен печат фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука