декември 20, 2021

Охрид, 20. декември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Моментално во Охрид од Covid-19 во болнички услови се лекуваат 16 пациенти, кои се сместени во старото инфективно одделение во Општата болница, вели за Супер радио и OhridPress директорот д-р Горан Балески.

Откако се јави проблем со прокиснување во модуларната болница, пациентите се преместија на инфективното одделение.

– Од хоспитализираните 11 се невакцинирани. Капацитетот е 21 кревет, има уште пет слободни. За среќа намален е и бројот на амбулантски прегледи, има по 10-15. Ако дојде до зголемување на бројот на хоспитализации, ќе се отвора интерното одделение. Во модуларната проблемот не е голем, кондензат јавува во зимскиот период бидејќи е монтажен објект. Случајот е пријавен, известено е и минситерството за здравство и ќе се постапи. Таму може и сега да се згрижат пациенти доколку пораснат бројките, рече д-р Балески.

Денеска завршува масовната ревакцинација во модуларната болница во Охрид

Како и досега, но особено во овој претпразничен период сé поактуелни се апелите за поголема внимателност и придржување кон мерките, бидејќи сé уште живееме во пандемиски услови, но колку тоа ќе се прави во пракса ќе покаже времето.

Во однос на недостатокот од педијатри, д-р Балески потенцира дека се потребни искусни лекари, дека договорот со Клиниката за детски болести во Скопје е добар, но и дека сето тоа ќе почека до изгласувањето на измените на Законот за здравствена заштита. Сепак, додава дека тоа ќе биде само парцијално решение на проблемот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука