јануари 10, 2022

Охрид, 10. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Состојбата со Covid-19 во Охрид станува загрижувачка, бројките на новозаболени на дневна основа се вратија како во месеците март и април.

За среќа нема многу приеми на ковид пациенти на кои им е потребно болничко лекување, но многу големи се бројките на амбулантски прегледи, дури и по 100-на на ден.

– Моментално на инфективното одделение се хоспитализирани 14 пациенти со Covid-19. Нема многу приеми, но зголемен е бројот на амбулантски случаи, дневно има и до 100-на прегледи на инфективно и интерно, вели за Супер радио и OhridPress директорот на охридската Општа болница, д-р Горан Балески.

Додава дека и меѓу персоналот има заболени од Covid-19, но и од сезонски грип, но засега со ротации успеваат да излезат во пресрет на сите пациенти.

Од почетокот на годинава во Охрид се регистрирани 263 новозаболени лица од Covid-19. Во истиот период се пријавени 4 починати и 105 оздравени лица. Според последните, официјални податоци на Министерството за здравство во Охрид од почетокот на пандемијата се регистрирани 7.128 Covid-19 случаи, од кои активни се 392. Денеска во Охрид се регистрирани 20 новозаболени и 38 оздравени лица. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука