јануари 11, 2022

Вевчани, 11. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Сé е подготвено за годинашното издание на традиционалниот Вевчански карневал, каде вевчанци преку маските со векови наназад „го бркаат злото”.

Настаните започнуваат утре, со отворање на Мултикултурниот центар „Коста Србаноски“. Предвидена е изложба со фотографии и уметнички слики од повеќе македонски автори. За разлика од лани, годинава ќе има и музичка програма за што се задолжени македонски изведувачи. Утревечер ќе настапи охридскиот DJ Face и Жаре бербер.

Маските по традиција се чуваат во тајност, сé до дефилето на двете василичарски друштва Горна и Долна маала, што ќе се одржи во четврток на 13-ти јануари. Вечерта ќе настапат локалниот уметник Перо Бели, а со настап на Елена Јовчевска, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски и спектакуларен огномет, во рамките на манифестацијата, вевчанци ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година според стариот Јулијански календар.

Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14-ти јануари.

Градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски очекува посетеност на карневалот, што е атракција прочуена и позната на далеку и повика на почитување на ковид протоколите.

– Би испратил апел да се почитуваат мерките. Вевчанските маски не сакаат никого да навредат, ги истакнуваат само позитивните и негативните страни, тие ја отсликуваат целата реалност што била во изминатата година, кај нас и во светот, вели Кочовски.

Вевчанскиот карневал според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука