јануари 20, 2022

Скопје/Охрид, 20. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air потврди дека ги прекинала летовите од Скопје кон Барселона и Ларнака, како и од Охрид кон Милано, објави специјализираната веб страница за авио сообраќај Exyuaviation.

Од компанијата не ги наведуваат причините за укинување на овие две линии, како и на уште една линија – од Охрид кон Милано, ниту пак дали некогаш ќе се обноват.

Билети за двата лета од Скопје веќе некое време не се продаваат. Линијата за Барселона неколкупати беше прекинувана во изминатите три години, делумно и поради Covid-19 пандемијата. Летовите кон шпанскиот град беа обновени по укинувањето на карантините низ Европа и линијата повремено беше во функција до декември.

Летот Скопје-Ларнака беше суспендиран на почетокот на пандемијата и оттогаш воопшто не беше обновен. Во исто време, Wizz Air објави дека на 3-ти март ќе воведе летови од Скопје за Торино.

Wizz Air ги откажа и летовите меѓу Охрид и Милано (Малпенса), кои беа воведени во март 2019, но беа прекинати во 2020 во екот на пандемијата. Моментално, Wizz Air ги одржува само летовите од Охрид за Базел, додека летовите кон Меминген и Малме ќе продолжат во февруари, а кон Виена, Дортмунд, Фридрихсен и Лондон во март.

Од базата во Скопје, унгарскиот нискобуџетен превозник во моментов оперира со четири авиони. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука