јануари 28, 2022

Охрид, 28. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Денеска истекува законскиот период во кој беше во изолација градоначалникот на Охрид д-р Кирил Пецаков.

Пецаков е во изолација откако направените тестови покажале еден позитивен резултат, вечерта на 19-ти јануари, и еден негативен, два дена покасно, на 21-ви јануари 2022 година. Како што изјави, тој немал симптоми и тестот го направил за да може да патува во Банско, Бугарија.

За него и за секретарот на Општина Охрид Александар Китески од МВР најавија дека ќе добијат кривични пријави, поради основано сомневање за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

– Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија”, СВР Охрид до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против 37-годишните К.П. и А.К., двајцата од Охрид. Пријавените, на 19.01.2022 година се тестирале за дијагностицирање на Корона вирус и, наместо во самоизолација, согласно одлуките за превентивни препораки за заштита на здравјето на населението од заразната болест, истиот ден, присуствувале на јавната верска манифестација по повод верскиот празник „Богојавление- Водици“ одржана во Охрид, стои во официјалното соопштение на МВР.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат се повикуваат на владината Уредба од 22-ти април 2020 година, каде стои дека секој што се тестирал се задолжува со самоизолација додека се чека резултатот од тестирањето.

– Самоизолацијата преминува во домашна изолација, регулирана со решение од ДСЗИ, во оној момент кога лицето добива позитивен тест. Како гледате на тој момент, што на тој настан, присуствуваа илјадници граѓани? Тој дури имаше и средба со доста граѓани, функционери, амбасадори? Не можам да го коментирам. Тоа е неговото однесување. Јас само можам да ја образложам уредбата на Влада, изјави директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) д-р Иринка Сотирова- Бухова.

Целиот случај и начинот на кој се води и пренесува во медиумите, Пецаков го нарече провладина хајка, надополнета со многу политика. Тој во детали го објаснува целиот случај и најави кривична пријава за клевети и несовесно работење и изнесување на заштитени (здравествени) податоци во јавност за „политичкиот менаџмент во ДСЗИ“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука