Скопје, 16. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Централниот регистар на Република Македонија одлучи да излезе во пресрет на барањето на обврзниците за поднесување на годишна сметка и на сметководителите со продолжување на рокот за 10 дена, како за хартиено така и за електронско поднесување на годишни сметки.
– Согласно барањата пристигнати до Централниот регистар, кои се однесуваат за продолжување на рокот за поднесување на годишна сметка за 2021 година, поради заштита и превенција од вирусот COVID-19, крајниот рок за поднесување на годишна сметка во хартиена форма ќе биде до 10.03 2022 година, со работно време на сите канцеларии на Централниот регистар од 08:00 до 16:00 часот, додека крајниот рок за поднесување на годишната сметка во електронска форма ќе биде до 25.03.2022 година до 24:00 часот.Одлуката за пролонгирање на рокот е во согласност со член 477 став 1 од Законот за трговски друштва, соопштија од Централниот регистар.
Додаваат дека во рамките на законските можности трета година по ред се продолжува рокот за поднесување на годишните сметки поради зголемениот број на позитивни случаи од корона вирус. Минатата година приемот на годишните сметки го следеше трендот како и изминатите години, па во законски предвидениот рок во Централен регистар биле поднесени 95% годишни сметки. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива