март 2, 2022

Охрид, 2. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Намалувањето на бројот на заразени и хоспитализирани од Covid-19 наведено во последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) се чувствува и во Охрид.

За среќа многу е мала бројката на пациенти кои се лекуваат во болнички услови, а значително е намален и бројот на амбулантски прегледи. Моментално во охридската Општа болница се хоспитализирани осум ковид пациенти, вели за Супер радио и OhridPress директорот д-р Горан Балески.

– Состојбата е стабилна. Од хоспитализираните 5-6 се на кислородна поддршка. Сместени се на инфективното, но и на интерното одделение, бидејќи имаат и други болести. Останатите одделенија, хирургија, гинекологија, урологија, работат нормално. Да се надеваме дека состојбата уште ќе се подобрува и ќе имаме нормална пролет и лето, истакна д-р Балески.

Моментално во градов има 79 активни случаи на вирусот Covid-19. Во текот на месец февруари во Охрид беа регистрирани 601 нови ковид случаи, што е за речиси 50% помалку во споредба со јануари, кога беше регистрирана рекордна бројка на новозаболени за период од еден месец, од почетокот на ковид пандемијата, дури 1.107, а имаше и голем број на амбулантски случаи, што на дневна основа достигнуваа и до 160 прегледи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука