април 14, 2022

Охрид, 14. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – По фотографиите и информацијата која се појави вчера во јавноста, екипа на Супер радио и OhridPress утрово беше кај вливот на реката Грашница во Охридското Езеро во населбата Воска и констатираше дека продолжува истекувањето на матна вода во езерото.

По објавата, од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), извршија вонреден инспекциски надзор на лице место, при што константирано е дека од реката Грашница се влива матна вода најверојатно како последица на зголемениот водостој на водите по обилните врнежи од дожд и топењето на снегот.

– Веднаш до фудбалското игралиште има два испусти за атмосферски води од кои во моментот на увидот течеше заматена вода која веројатно е измешана со фекална вода од колекторскиот систем. Исто така направен е увид во препумпната станица во населба Даљан каде што станицата беше во функција, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.

May be an image of 1 person, lake, tree and nature

Додаваат дека согласно регулативата одведувањето на отпадните и урбани води е во надлежност на општинската инспекција, поради што бил известен овластениот инспектор од Општина Охрид кој излегол на увид, а во меѓувреме биле контактирани и надлежните служби од ЈП „Колекторски систем“ кои излегле на лице место и во присуство на Државен инспектор за животна средина, раководителот на општинскиот инспекторат и овластен инспектор за животна средина, било константирано дека од испустите не истекува никаква вода.

May be an image of body of water and nature

May be an image of wading bird, nature and body of water– Потоа беше направен увид во препумпната станица во населба Даљан каде што беше константирано дека нивото на отпадна вода во базенот е намалена. Од страна на стручните служби беше изјавено дека има дополнителна потопна пумпа која автоматски се приклучува. Исто така беше извршен увид и по текот на реката Грашница (Сушица) на улицата „Железничка“, „Прилепска“ и „15-ти корпус“ каде што водостојот е значително зголемен и водата е матна, потенцираат од инспекторатот.

May be an image of body of waterMay be an image of nature and lakeMay be an image of lake and nature

Револтиран жител на овој дел на градот, преку допис до медиумите вели дека проблемот трае подолг период.

– Живеам на 200 метри од ова место, а одам на плажа на километри од тука. Ова деновиве е еден подобар момент. Интересното е во јули и август кога преку цела плажа има израснати пиперки, патлиџани, лубеници и други растенија, зависно од тоа што сме конзумирале ние жителите од таа населба. А таа цевката што ја гледате е канализација. 50 метри погоре поминува канализацијата, но поради малиот капацитет целото ова ѓубре го исфрлаше преку шахтата на улица. Но, за среќа се нашол некој паметен и со еден бајпас го решил проблемот. После оваа цевка на едно 50 метри има уште една канализација што течи во езеро. Таа е на другиот крај од игралиштето, вели во дописот.

Веќе долги години наназад се шири непријатна миризба во околината, а еколошките активисти постојано апелираат до надлежните што побргу да преземат конкретни мерки. Проблемот е стар повеќе од 30 години и според експертите лежи во истекот на бајпасите кај плажата „Мизо“ и подолу кај вливот на реката Грашница. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука