април 30, 2022

Охрид, 30. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Охридските нуркачи, организирани во здруженија или како поединци, полека прераснуваат во вистински лидери во ЕКО културата и заштитата на животната средина во Охрид.

Во организација на Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид, денеска се одржува Меѓународната еколошката акција за чистење на Охридското Езеро „Охрид ЕКО 2022“.

Присутните ги поздрави и првиот човек на Охрид, градоначалникот д-р Кирил Пецаков, кој ја поддржа акцијата и зборуваше за важноста на ваквите иницијативи.

– Имаме привилегија да поседуваме една ваква уникатна убавина, која е препознаена и запишана како светско природно наследство и затоа треба да вложиме максимални напори за да ја сочуваме за идните генерации. Недозволиво е во овој прекрасен езерски басен за кој научниците тврдат дека е стар околу три милиони години и во кој живеат ендемични видови на растителен и животински свет да се исфрла најразличен отпад. Затоа е потребно да се организираат многу повеќе вакви акции кои може да придонесат за подигање на еколошката свест кај населението за поголема грижа за Охридското Езеро и околината која го опкрижува. Локалната самоуправа во изминатиот период има организирано неколку еколошки акции за чистење на диви депонии на неколку локации во градот и околните населби, каде беа подигнати огромни количини отпад што покажува дека свеста за заштита на природата и уникатните природни потенцијали за жал се’ уште е на ниско ниво, истакна Пецаков.

https://youtu.be/-4XEvvVVFEc

Претседателот на „Амфора” Јован Секулоски пред почетокот на акцијата информираше дека најмногу отпад на езерското дно има онаму каде што гравитираат најголем број туристи.

– Станува збор за цврст отпад, сите видови градежен шут, лименки, метални предмети, пластика… Најзагадено е Градското пристаниште, но и многу други места каде што се рекреираат туристите, изјави Секулоски.

Учество зедоа нуркачи од Република Македонија и странство, кои чистеа на следните локации:
– Музеј на вода Градиште
– Авто камп Градиште
– Градско пристаниште до канал Студенчишта и
– Градско пристаниште до Сараиште

Од „Амфора“ најавуваат дека утре, на први мај 2022 година, од 10:30 часот за сите учесници, ќе организираат нуркање на подводниот археолошки локалитет „Плоча Миќов град“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука