септември 29, 2022

Охрид, 29. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве може да се забележи дека сосема малку, речиси воопшто не истекува вода од Билјанините извори, препознатливиот симбол на градот Охрид.

И додека во месец јули беше поплавен паркот пред познатите извори, сега од нив не тече вода. Идентична состојба имаше и минатата година во овој период.

Нема достапен опис

И Охридското Езеро периодов е со видно намален водостој. Според последните мерења на на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија нивото е на кота од 693,28 м.н.в, што е за 5 сантиметри под просекот за септември (693,33 м.н.в).

Локалитетот „Билјанини извори“ охриѓани често го нарекуваат и душата на градот. Бројни посетители, домашни и странски се определуваат токму за посета на изворите, а локалитетот е една од најголемите препознатливости на древниот град под Самуиловата тврдина. Ова место го користат за да пешачат и да се релаксираат, како и да избегаат од гужвата која владее во центарот на градот.

Чистата вода со која се „храни“ Охридското Езеро, главно доаѓа од карстните терени на околните планини. Најголем дел од водата доаѓа од повисокото – Преспанско Езеро и преку подземни пукнатини низ планината Галичица, избива на повеќе места во вид на силни извори – врутоци покрај источниот брег. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука