јануари 1, 2023

Охрид, 1. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – По бурната и весела новогодишна ноќ, Охрид утрово се разбуди со променливо облачно време, најава за сонце и релативно висока температура, особено за овој период од годината.

Кајчарите нудат превоз и разгледување на градот од вода, тука се и поголемите бродови, а гостите и охриѓани, уште од раните утрински часови, го искористија пријатното време за прошетка покрај езерото и разбистрување на мислите и главата по веселата, новогодишна ноќ.

Синоќа се одржа одлична забава на Градскиот плоштад со Петар Нечоски, Татјана Стефаноска, Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Миле Кузманоски и Dj-ите Багзи и Јана Слеј. Додека гостите се забавуваа на плоштадот или во угостителските објекти, охриѓани во најголем дел Новата година ја пречекаа во домовите со богата трпеза и во кругот на најблиското семејство. Зад себе ја оставија старата 2022 со надеж за повесела и поуспешна Нова 2023 година.

Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, во празничната честитка посака Новата 2023 година да биде појдовна точка за остварување на сите соништа.

– Нека донесе силна енергија за нови почетоци и неисцрпна енергија за остварување на нови цели. Ви посакувам, здравје мир и многу љубов, истакна Пецаков.

Угостителските објекти и утрово беа исполнети со туристи, кои најчесто доаѓаат од соседството, Србија, Грција и Албанија, а бројни беа и гостите од Црна Гора, Хрватска и секако домашни гости. Исполнетоста во хотелите е 60-70%, додека приватното сместување е речиси целосно пополнето.

Продолжи и забавата во центарот на Охрид каде Марија Савеска и групата Камелеон ги забавуваат охриѓани и бројните гости, а се очекува интерес да привлече и проектот „И повторно евергрин“ со настап на Лидија Кочоска, Влатко Груески и Андреј Наунов.

Метеоролозите за денес најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди и температура до 13. степени.

Погледнете дел од охридските убавини утрово:

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука