јануари 25, 2023

Дебрца/Вевчани, 25. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Дебрца и Вевчани се меѓу општините што добија решенија за изградба на инфраструктура за пристап до земјоделско земјиште од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година.

Со финансиска поддршка од Министерството, преку оваа програма, 34 општини ќе инвестираат во инфраструктурни проекти за пробивање и тампонирање на локални пристапни патишта, во вкупна должина од околу 19.000 метри, со кои на земјоделците ќе им се овозможи полесен пристап до нивните ниви, односно до обработливо земјоделско земјиште. Решенијата беа врачени од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, државниот секретар Реџаил Исмаили, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и заменик директорот Ремзи Абдулахи.

Градоначалниците на двете општини информираа дека по претходно подготвен и аплициран проект, за Дебрца одобрено е тампонирање на полски пат во село Требеништа, додека за Вевчани за тампонирање на пристапен пат до земјоделското земјиште во месноста Средни пат.

Можно е да е слика од 12 луѓе

Можно е да е слика од 4 луѓе и луѓе што стојат

Мерката 124 од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2022 година, е наменета за општините на целата територија на државата, што придонесува за рамномерен регионален развој. Финансиската поддршка е во висина од 100% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци на инвестицијата, а се исплаќа по целосното завршување на инвестицијата од страна на корисникот. Максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува 1 милион денари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука