февруари 21, 2023

Охрид, 21. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот професор Анис Сефиданис објави дека паметниот споменик на Григор Прличев блеска во боите на лицата со ретки болести во знак на поддршка на подигнување на свеста за проблемите со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства.

– Ретко е да си редок. Интересни факти: Прличев во 1849 година се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет единствено поради благородна цел, односно како што и самиот ќе каже „Зашто бев страдал и сакав да лечам човечки страдања“, потсетува професорот Сефиданис.

Дигиталниот паметен споменик, кој ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на древниот Охрид, беше поставен пред само два дена на плоштадот на уметноста „Долна Порта“ во центарот на Охрид.

Воскреснувањето на Григор Прличев преку алхемијата на најновите технологии е дело на проф. д-р Анис Сефиданис и Друштвото за истражување и развој „Сефиданис“ од Охрид и ни овозможува синхроно да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Вториот Хомер. Станува збор за најсовремен производ кој е дел од новата Digital Humanities парадигма за новите, „паметни“ градови на иднината.

Кампањата „Ги запознаваме ретките болести“ започна на 1. февруари и ќе трае до крајот на месецов, кога секој ден се претставува по една ретка болест, со што се прави обид пред јавноста и институциите да се крене гласот кон проблемите со кои се среќаваат лицата со ретките болести и нивните семејства. Годинешната сезона е посветена на здравствените работници кои изминативе сезони помогнаа со нивните стручни совети, предлози, пишување текстови, ревидирање на материјали во реализација на кампањата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука