февруари 22, 2023

Венеција, 22. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Венеција, каде што поплавите обично се голем проблем, деновиве се соочува со ниско ниво на водата како резултат на невообичаено ниската плима, но и намалените врнежи од снег на Алпите.

Ниското ниво на водата го оневозможува движењето на гондолите по некои од најпознатите венециски канали.

Проблемите во италијанскиот град се припишуваат на комбинација од неколку фактори, но главно поради недостигот на дожд и повеќенеделните суви зимски временски услови.

Организацијата за заштита на животната средина „Легамбиенте“ објави дека италијанските реки и езера страдаат од сериозен недостиг на вода, особено во северниот дел на земјата.

Најдолгата река во Италија – По, која тече од Алпите на северозапад до Јадранот, има 61 отсто помалку вода од вообичаеното во овој период од годината. Нивото на водата на езерото Гарда во северна Италија, пак, падна рекордно ниско, што овозможува да се стигне до малиот остров Сан Биаџо на езерото преку отворена патека.

Ваквата состојба ги загрижува екологистите и научниците кои стравуваат дека Италија би можела да се соочи со нова суша по вонредната состојба од минатото лето.

Минатиот јули Италија прогласи вонредна состојба во областите околу реката По, која обезбедува околу една третина од водата потребна за наводнување на земјоделско обработливото земјиште во земјата и ја претрпи најголемата суша во последните 70 години.
Сепак, најновите временски прогнози ги предвидуваат потребните врнежи и снег на Алпите во наредните денови. (Крај)

извор: 360 степени фото: ABC News

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука