февруари 22, 2023

Поградец/Охрид, 22. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охридското Езеро, поделено меѓу Република Македонија и Албанија се соочува со сериозни закани кои го уништуваат неговиот екосистем и го загрозуваат статусот на УНЕСКО.

Отпадот од рудниците во Албанија продолжува да го загадува екосистемот на најголемото езеро на Балканот, Охридското Езеро, ставајќи го во опасност неговиот статус на светско природно наследство, анализира новинарката Luljeta Progni за Balkan Insight.

Охридското Езеро е меѓу најстарите во Европа, со разновиден биодиверзитет и природно живеалиште за речиси 300 ендемични видови. Благодарение на неговите уникатни природни и културни вредности, албанскиот дел од езерото се приклучи на листата на светско наследство на УНЕСКО во 2019 година.

Но, екосистемот на езерото е загрозен од илјадници тони рударски отпад, кои сè уште се наоѓаат на работ на езерото или се расфрлани во ридовите околу него.

Од УНЕСКО потенцираат дека рударската активност е некомпатибилна со светското наследство и и’ препорачаа на Албанија, за време на мониторинг мисија во 2020 година, најитно да ја премести и рехабилитира рударската депонија покрај езерото и да обезбеди трајно затворање на каква било рударска активност во овој регион.

Две години по оваа препорака, албанските власти и понатаму без конкретна реакција.

Гани Бего, експерт за управување со заштитените подрачја во Поградец, проблемот со рударскиот отпад го смета за долгогодишен проблем, притоа потенцирајќи дека четири компании продолжуваат со рударските активности.

– За среќа, оваа активност бележи пад во текот на последните години, но се’ уште има некои субјекти кои ја продолжуваат дејноста. Со врнежите, тешките метали многу лесно завршуваат во езерото, изјави Бего. (Крај)

извор: Balkan Insight (Luljeta Progni)/sot.com.al фото: rferl.org

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука