мај 14, 2023

Вевчани, 14. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во Домот на културата во Вевчани, КУД „Дримкол“ вечерва ќе го одржи својот годишен концерт, кој традиционално секоја година се одржува во периодот помеѓу Велигденските празнувања и Педесетница.

На концертот учество ќе земат сите фолклорни ансамбли на друштвото, изворниот и народниот оркестар, пејачката група „Каданка“ преку вокални изведби на нејзини солисти како и членови на патувачкиот театар од Вевчани.

– Годишниот концерт за нас претставува голем настан, бидејќи се случува во Вевчани и пред нашите Вевчанци кои секогаш со восхит не следат и поддржуваат. Но, нивните очекувања од нас секоја година се поголеми, па токму затоа годишниот концерт на Дримкол е и голема одговорност. Оваа година темата на концертот е убавината на нашата земја, односно презентација на се што е убаво преку игра, песна, видео проекции како и преку дијалог на мајката и ќерката кои одлучиле да се рашетаат низ нашта земја богата – изјави Наташа Кукоска, етнолог, дел од уметничкиот совет на друштвото.

Поради големиот интерес кај публиката за овој културен настан, КУД „Дримкол“ одржува по два концерти со почеток во 18:00 часот и 20:00 часот. Годиниве наназад, со сигурност може да се забележи дека ова друштво на своите концерти секоја година обработува различни теми со силни пораки и на еден посебен и автентичен начин прави одличен спој на песната, орото, музиката и театарот.

Културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевчани со своето долгогодишно постоење има оставено белег во македонската историја на традиционални уметнички вредности. Формирано е под името „Печалбар“, а подоцна се преименува во „Дримкол“ и од тогаш до денес континуирано и активно работи за негување и презентирање на сценско уметничките вредности со посебен акцент кон фолклорната дејност. Како национално богатство друштвото ја афирмира нашата држава онака како што доликува: квалитетно и достоинствено, а како доказ се освоените дипломи, награди и признанија на домашни и меѓународни фестивали. Богатата изворна вевчанска носија, изворните инструменти, изворните кореографии го прават ова друштво едно и единствено, различно од сите други во Република Македонија. Но и покрај изворниот фолклор на репертоарот на ова друштво се наоѓаат и кореогравски обработки од сите играорни подрачја на нашата држава. Друштвото денес има членови од 7 до 55 години, распоредени во составите кои работат во рамките на друштвото: фолклорните ансамбли, пејчката група, изворниот оркестар. КУД „Дримкол“ е класифицирано како друштво од Прва категорија во рамките на Министерството за култура на Република Македонија, класификација која од една страна претставува признание за долгогодишната успешна работа, а од друга страна и мотив за поголем придонес во развојот на Македонската култура и традиција. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука