мај 27, 2023

Охрид, 27. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Нуркачкиот Центар „Амфора“ од Охрид се реализира голема еколошката акција за чистење на Охридското Езеро од цврст Отпад „Охрид ЕКО 2023“.

– Акцијата се изведе на две локации: Извори Св. Наум и Пристаниште Св. Наум – манастир Св Наум, а во акцијата зедоа учество 28 нуркачи од Нуркачкиот Центар „Амфора“, Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ од Скопје, како и припадници на нуркачкиот тим на БСС на АРМ кои се вклучуваат во сите поголеми еколошки акции и активности што ги организира Нуркачкиот Центар „Амфора“. Од дното на Езерото се извади огромна количина разновиден цврст отпад, како што се пластични шишиња, лименки, пластики, конзерви и друго. Проектот е реализиран со подршка на Скопско АД Скопје и ресторанот „Острово“ во Св. Наум, информираат од „Амфора“.

Од клубот испраќаат голема благодарност и до ЈП „Комуналец“ од Охрид кои после секоја акција навремено го подигнуваат извадениот отпад и го транспортираат до соодветната депонија.

– Најголемата количина на цврст отпад доаѓа преку реките кои се вливаат во езерото и носат огромни количини на отпад, потенцира раководителот на „Амфора“ Јован Секулоски, Интернационален инструктор и тренер, кој додава дека со реализација на проектот пред неколку години бил даден предлог да се изградат мини брани со кои во голема количина ќе се намали цврстиот отпад во езерото, а со една и единствена цел – вистинска заштита на Охридското Езеро. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: НЦ „Амфора“

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука