мај 31, 2023

Охрид, 31. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Еразмус тимот од ООУ „Ванчо Николески“ со незаборавни искуства и впечатоци ја заврши и последната образовна мобилност од Еразмус+ проектот „Our culture, our future“ („Наша култура, наша иднина“).

Истата се реализираше во периодот од 15-ти до 19-ти маj 2023 година на островот Корчула, Хрватска. Освен претставници од нашето училиште, присуствуваа и претставници од: Корчула (Хрватска), Турција, Романија, Италија и Португалија.

– Целта на оваа мобилност беше запознавање со природното, културното и историско наследство на островот Корчула, со посебен акцент на традицијата, обичаите, фолклорот, традиционалната храна и музика, како и старите традиционалните игри кај земјата домаќин. Преку извонредни посети, презентации, работилници и перформанси кои ги вклучуваа сите сетила, училиштето домаќин одлично ја доближи нивната култура и животот на остров. Учениците и наставниците имаа можност да го посетат партнер училиштето „Анте Цурач-Пињац“ во општина Жрново, мало училиште но со големо срце и прекрасен училишен амбиент. Таму беа прикажани дел од нивниот корчулански фолклор, музика и традиција, а учесниците уживаа и во песните на надалеку познатите музички групи, Клапи. Во рамки на оваа образовна мобилност беше посетена куќата на Марко Поло, Градскиот Музеј и Катедралата Св. Марко во Корчула. Беше организирана работилница „Потрага по златници“ во Корчула, кога учесниците преку загатки од туристички водич се запознаваа со убавините и знаменитостите на градот. Исто така беше посетена „Пештерата Вела“ во Вела Лука, која е една од најзначајните археолошки локалитети во Европа, а беше презентирана и легенда за Националниот парк Кочје и неговата важност. Во Смоквица се реализира посета на винаријата „Торета“ каде беше прикажан процесот на производство на вино. Учесниците ја посетија и општината Блато, каде беа гости во Етно куќата „Барило“ и имаа креативна работилница за изработка на жрновски макарони. Учесниците на овој проект имаа ретка можност да ја гледаат познатата витешка корчуланска игра „Морешка“, изведена од професионалци. Беше организирано и возење со брод околу островот Корчула и посета на други два помали острови Бадија и Врник, каде со помош на туристички водич се направи разглед на манастир, каменолом, ликовна изложба и училиште. За време на престојот на островот Корчула учесниците од проектот имаа официјален прием од градоначалничката на главниот град Корчула, Ника Силич Маројевич, со која се разменија искуства за образовните системи и придобивките од вклученоста во Еразмус+ проектите, информираат од училиштето.

Додаваат дека на оваа мобилност учениците од нивното училиште презентирале и краток филм изготвен специјално за оваа прилика, каде беа прикажани традиционални свадбени обичаи од нашиот крај, а исто така се презентирале и резултатите од истражување за стари предмети во нашиот град и нивната примена.

– Сите партнер училишта ги презентираа своите свадбени обичаи и стари предмети. Проектот „Наша култура, наша иднина“ се темели на заеднички активности и размена на искуства на оваа тема, а учениците преку запознавање на другите култури и традиции се едуцираат да ги почитуваат разликите и да градат мостови меѓу народите. Со оваа образовна мобилност која беше шеста и последна од овој проект, успешно се заокружија активностите во рамки на овој Еразус+ проект. ООУ „Ванчо Николески“ веќе успешно реализираше пет Еразмус+ проекти, со што значително го подобри капацитетот и за понатамошно вклучување во меѓународни проекти, информираат од ООУ „Ванчо Николески“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука