август 7, 2023

Прилеп/Вевчани, 7. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – На платото пред ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, утре од 20:00 часот, целовечерен концерт „Ајде ќерко во Вевчани“ ќе одржи КУД „Дримкол“ од Вевчани.

Уметноста која ја создаваме не води кон иднината, со неа растеме, се оформуваме и учиме, а сето тоа го работиме со огромна љубов и посветеност. Генерациите поминати се само доказ за квалитетот и сериозниот пристап на здружението – Културно уметничко друштво „Дримкол“ со кое растеме ние и нашиот менталитет, нашата иднина – децата, кои од најмлади започнуваат, а веќе како оформени благородно ја шират традицијата на следните генерации кои не градат нас како личности за гордо да ја претставуваме нашата држава и да постанеме незаменлив дел од неа. Нашата љубов е огромна, за сите нас, луѓето, уметноста е незаменлива и апсолутно потребна и корисна за градење на светла иднина која започнала од пред многу години и ќе трае за многу години, засекогаш ќе биде незаменлив дел од Вевчанците, и сите Македонци кои некогаш твореле, а нивниот дух сеуште до денес живее во нас, и толку силно го чувствуваме, што наша задача е да го негуваме, и никогаш да не го заборавиме. Нема да го заборавиме, бидејќи ние постоиме, а тој постои во нас. Ние го негуваме, оформуваме и горди го претставуваме, она што произлегло од пред нас и е дел од нас, она нашето, традиционалното, Македонското, Вевчанското! Театарските претстави на учителите во Вевчани, поезијата на легендарни Вевчански поети, песните и ората на училишните и младинските фолклорни групи, звуците на музичките состави, актерската игра на актерите од Патувачкиот театар, хорските изведби на училишниот хор и оркестар, пејсажите на Вевчанските сликари… се доказ дека културата и уметноста во Вевчани биле составен дел од живеењето и не само тоа туку и пример како истото треба да се прави. Токму по таквиот урнек и како продолжение на таа вековна традиција која води корени уште од 1947 година на полето на културата, настанува и Здружението – КУД „Дримкол“ од Вевчани кое со своето долгогодишно постоење има оставено свој белег во македонската историја на традиционални уметнички вредности, информираат од КУД „Дримкол“.

Денес друштвото е сериозна културна институција која ја негува, развива, и промовира народна култура во нашата држва и надвор од неа. Во рамките на ова здружение членуваат 150 активни членови кои се распоредени во неколку уметнички целини и тоа: Фолклорниот ансамбал „Дримкол“, Патувачкиот театар „Поклони се и падни“, Пејачката група „Каданка“, Оркестарот на народни инструменти. Како национално богатство на Република Македонија, ова Вевчнаско здружение се афирмира себеси и ја афирмира нашата држава онака како што доликува: квалитетно и достоинствено, а како доказ за тоа се и освоените награди, дипломи и признанија на бројните домашни и меѓународни фестивали. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука