август 9, 2023

Охрид, 9. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Во дворот на ОСУ „Св. Климент Охридски“, вечерва, на посебна свеченост беа доделени дипломите на генерацијата матуранти 2022/2023 година.

Матурантите во име на Општинa Охрид ги поздрави заменик градоначалникот на Општина Охрид Перчо Божиновски, кој напомена дека на овој прекрасен празник посветен на нашиот светител и најголем учител Св. Климент Охридски, матурантите стојат пред новото поглавје од нивниот живот.

– Ве охрабрувам никогаш да не запрете. Успехот не е еднократно достигнување, туку континуиран стремеж кон учење и развој. И вечерва се слуша гласот на Св. Климент – тргај се од злото и прави добро. Тоа е аманет за Вашиот човечки пат. Вашата верба е поголема од Вашиот страв, затоа што како генерација го следевте патот на успехот, затоа што дадовте многу повеќе од тоа што се очекуваше од Вас. Верувавте во Вашите вештини и знаења и тоа се исплати, затоа што никогаш не се откажавте од тоа што сте го наумиле. Научивте дека клучот до успехот се дисциплината и знаењето. Вие сега сте најголемото богатство кое може да се понесе со себе. Од Вас очекувам само големи работи, истакна Божиновски.

Присутните матуранти и родителите ги поздрави и директорката Светлана Велкоска, која напомена дека од ОСУ „Св. Климент Охридски“ се исклучително горди на овие млади луѓе кои отвораат нова страна во животот и пред кои се најубавите моменти и сосема нови искуства.

– Денес на овој светол ден во духот на Св. Климента испраќаме уште една генерација матуранти кои со своите резултати и постигнувања оставија траен белег на нашето постоење. Наша задача беше да Ви го вгнездиме Св. Климентовиот пат на писменоста и од Вас да направиме вистински индивидуи на нашата татковина Македонија. За да се гордееме и да кажеме – да тоа беше наш ученик, на Св. Климент. Сакам да Ви посакам светла иднина и уште поголеми успеси во школувањето и животот. Да Ви се заблагодарам што дел од Вапата младост ни ја доверивте нам, кои вечно ќе Ве паметиме. Драги матуранти, Ви порачувам, следете го срцето и гледајте во Сонцето, затоа што само тоа е вечно. Улогата беше наша, а делата ќе бидат Ваши, истакна Велкоска.

Најдобрите ученици на генерацијата добија посебни признанија и подароци, а младите матуранти подготвија и посебна музичка програма. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука