февруари 3, 2015

Струга, 3. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Забранета е употребата на водата за пиење во неколку струшки села, информира Регионалниот центар за јавно здравје со седиште во Охрид.

– Според информациите со кои располагаме, од страна на Агенцијата за храна е издадена забрана за користење на водата од водоводните системи во селата во струшкиот регион Мислешево, Биџево, Долно Татеши, Велешта, Радолишта и Калишта, велат од Центарот.

Анализите од оваа здравствена установа како што појаснуват оттаму, навремено се испраќаат до Агенцијата за храна и Центарот за управување со кризи, за понатамошно постапување од страна на инспекциските служби дололку има потреба од тоа.

Инаку, последните анализи на Центарот з ајавно здравје покажаа дека во дел од градскиот водовод во Струга, како и во селските водоводи во Струшкиот регион отсуствува средство за дезинфекција, а водата што ја конзумираат жителите на селата Мороишта и Калишта е микробиолошки загадена.

– Дел од примероците на вода од градскиот водовод и селските водоводи во Струга земени и анализирани на 1. февруари во селата Мислешево, Мороишта, бензиската станица „Макпетрол“, како и во селото Калишта покажуваат дека таму не се користи дезинфекциско средство. Примероците на вода земени од селата Мороишта и Калишта пак, покажаа микробиолошко загадување, појаснуваат од ЦРЗ.

Како што додаваат оттаму, примероци на вода од селата приклучени на градски водовод биле земени и во текот на вчерашниот ден, при што било констатирано дека концентрацијата на дезинфекциско средство е под минимално дозволената доза.

– Такви се анализите во селата Мислешево, Долно Татеши и Радолишта. Зголемена матност имаше во водата во селата Мороишта и Радолишта. Во тек се микробиолошките анализи на овие примероци, велат од Центарот за јавно здравје.

Примероците вода земени денеска од градскиот водовод во Струга како и од селските водоводи во регионот, се уште се анализираат, а комплетните резултати ќе бидат готови за два дена. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото:архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука