февруари 4, 2015

Вашингтон, 04. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Развојот на Армијата на Република Македонија и учеството во мировните операции на ООН, НАТО и Европската Унија како поддршка за етаблирање на глобалниот мир и безбедност, беа дел од темите на кои вчера во седиштето на Обединетите Нации во Њујорк, разговараа министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски и заменикот генерален секретар на Обединетите Нации за мировни операции, Харве Ладсу.

На средбата министерот Јолевски и заменик Генералниот секретар Ладсу разговараа и за општата безбедносна состојба во регионот на Југоисточна Европа и пошироко. Република Македонија, рече министерот Јолевски, е одговорен член на меѓународната заедница и активен учесник во напорите на светската организација за воспоставување на глобален мир, безбедност и просперитет.

– Ние остануваме со нашето присуство во мировната мисија УНИФИЛ во Либан, а во иднина ќе ги разгледаме можностите и за учество во други мисии предводени од Обединетите Нации, согласно потребите, но и нашите капацитети, истакна министерот Јолевски.

Во контекст на степенот на развој на вооружените сили, министерот Јолевски посочи дека Македонија и нејзината Армија работат согласно највисоките стандарди, особено имајќи го предвид фактот дека и НАТО-Алијансата ја има потврдено подготвеноста на Република Македонија за станување нејзин полноправен член. Наши стратегиски цели во однос на надворешната политика, посочи министерот, се членството во НАТО и во Европската Унија.

На средбата со генералот Дејвид Петреус, инаку еден од најпознатите современи воени лидери и поранешен командант на силите ИСАФ во Авганистан, министерот Јолевски истакна дека Македонија продолжува да биде дел од меѓународните мисии за поддршка на мирот.

– Армијата на Република Македонија учествува во новата мисија на Алијансата во Авганистан, Одлучна поддршка, и со тоа покажува дека е посветена на етаблирањето на современите вредности во оваа земја, рече министерот Јолевски.

Со нашето учество во мировни мисии, покажаните капацитети и континуираните развојни процеси во областа на одбраната, Република Македонија останува да биде подготвена за полноправно членство во НАТО, додаде министерот Јолевски. Воедно, министерот ги презентираше аргументите зошто Република Македонија треба да го добие заслуженото место во НАТО-алијансата. Соговорниците разменија и мислења за актуелните геополитички безбедносни состојби во разни делови на светот.

Генералот Петреус се заблагодари за долгогодишното учество на Македонија во мировните мисии и посочи дека припадниците на Армијата на Република Македонија се вешти професионалци со високо развиени воени способности, факт кој им е добро познат на сите земјите-членки на Алијансата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука