Охрид, 30. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на Охридското Езеро и понатаму е под просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), езерото е на кота од 693,26 м.н.в, што е за 5 сантиметри под просекот за октомври (693,31 м.н.в) и 16 сантиметри над минимално дозволеното ниво (693,10 м.н.в). Со минимални осцилации на оваа кота беше речиси цел месец.
Температурата на езерската вода е 17 степени и е за 0,3 степени повисока од просекот за овој месец.
А пак од препознатливиот симбол на градот Охрид, Билјанините извори и понатаму не тече вода. Идентична состојба во овој период од годината имаше и изминатите години.
Според најавите на метеоролозите стабилно време ќе имаме уште утре. Во среда кон крајот на денот и во четврток претпладне ќе има врнежи од дожд. Дневната температура од четврток ќе се намали за околу пет степени. Потоа нов поинтензивен влажен бран се очекува во петок попладне и во сабота, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР