мај 10, 2024

Охрид, 10. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Според календарот на МПЦ-ОА (Јулијанскиот календар) денеска е 27-ми април, денот кој православните верници го слават во чест на Св. апостол Симеон, епископ Ерусалимски.

Свршеникот на Дева Марија, Јосиф, имаше брат по име Клеопа кој живееше во Ерусалим. Во неговото семејство се родија двајцата браќа Јаков и Симеон, кои подоцна еден по друг беа првите ерусалимски епископи. Кога ги виде чудата на Господ Исус, Симеон поверува во Него како во Господ и Спасител и беше вбројан во Седумдесеттемина апостоли. Со голема ревност и храброст го проповедаше Христовото Евангелие насекаде по Јудеја.

Кога злобните Евреи го убија Јаков, братот Господов и првиот епископ на ерусалимската Црква, тогаш овој Симеон, кој му беше роднина, го поставија за епископ во Ерусалим. Како втор епископ во Светиот Град со голема мудрост и сила управуваше со Божјата Црква до длабока старост. Во 70 година, кога Римјаните го нападнаа Ерусалим, епископот се повлече заедно со целата тамошна црква во градот Пела, од другата страна на Јордан. А кога Римјаните ја освоија цела Јудеја почнаа да ги гонат Давидовите потомци, за да спречат некој од нив да подигне бунт против освојувачите. Така и овој престарен човек кој тогаш имаше 120 години го доведоа под стража во Ерусалим, барајќи од него да се откаже од Христос.

Старецот ги презре сите закани, ветувања и мачења и најпосле беше распнат на крст во 107 година.

Житие

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Син на Клеопа, којшто му беше брат на праведниот Јосиф, целомудрениот сопруг на Пресвета Богородица. Кога ги виде чудата на Господ Исус, Симеон поверува во Него како во Господ и Спасител и беше вбројан во Седумдесеттемина апостоли. Со голема ревност и храброст го проповедаше Христовото Евангелие насекаде по Јудеја. Кога злобните Евреи го убија Јаков, братот Господов и првиот епископ на ерусалимската Црква, тогаш овој Симеон, кој му беше роднина, го поставија за епископ во Ерусалим. Како втор епископ во Светиот Град со голема мудрост и сила управуваше со Божјата Црква до длабока старост. Кога пострада имаше над сто години. Неговото страдање стана вака: во времето на царот Трајан беше покренато двојно гонење во Палестина – на потомците Давидови и на христијаните. Злобните луѓе го обвинија Симеон како оној којшто им припаѓа и на едните и на другите. Свети Симеон претрпе големи маки и најпосле го распнаа на крст, како неговиот Господ Кому верно Му послужи на земјата.

Тропар

Тебе, свештеноначалнику Симеоне, и цврст маченику, ние те славиме свештено како близок Христов роднина, којшто ја уништи заблудата, и ја сочува верата. Поради тоа, празнувајќи го денес твојот сесвет спомен, примаме прошка на гревовите, по твоите молитви.

Кондак

Имајќи го богоглаголивиот Симеон како преголема ѕвезда, денес Црквата болска од светлина, повикувајќи: Радувај се, чесен венецу на мачениците. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука