мај 12, 2024

Подгорица, 12. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Има работи земни и работи небесни. Некаде овие две се сретнуваат и си подаваат рака едни со други, огреани на лицата на оние кои вистински веруваат и ја прифаќаат волјата Негова.

Едно од овие ретки места секако е духовното светилиште изградено во чест на свети Василиј Острошки, високо на карпите на излез од Даниловград во Црна Гора. Се смета за едно од најсветите места на Балканот и претставува вистинско место за одмор на душата и пронаоѓање на Бога во себе си. Самиот пат и пристапот до ова свето место е вистински подвиг и предизвик. Патешествието води низ густата шума е полно со остри кривини од каде се наѕира Горниот и има прекрасна глетка кон Долниот манастир. Поподготвените и физички посилните можат да го поминат патот и пеш, загледани во убавината која се надвиснува над нив.
ostrogdolnimanastir1                                                                            црквата во Долниот манастир

Во Горниот манастир има две пештерни цркви. Во едната лежат моштите на свети Василиј, а другиот храм бил место каде што служел светецот. Таму нема живеалишта за монасите. Тие се сместени во Долниот манастир. Меѓу нив се наоѓаат неколку цркви.

Верниците се поклонуваат пред моштите на светецот. Го допираат платното со кое се покриени. Сето тоа се прави тивко и со најголема почит. Носат предмети од најблиските за здравје и среќа. Монахот што постојано е покрај нив вели дека моштите се откриваат само во одредени денови, за време на големите празници.
ostroggorenmanastir3                                        црквата во Горниот манастир во која се моштите на Светецот

Нема посетител што не ја допрел гранатата што стои закотвена во карпестите ѕидови на Горниот манастир во Острог. Сите внимаваат на неа. Ја чуваат како најголем експонат од Втората светска војна. Се верува дека токму силата на свети Василиј не дозволила гранатата да експлодира и да ја оштети црквата на Чесниот крст.

– Во февруари 1942 година, кога Германците го гранатирале манастирот, една бомба паднала директно во црквата. За чудо, не експлодирала, раскажуваат монасите.

ostroggorenmanastir1                                                          конаците и црквата во Горниот манастир

Подоцна со стручни анализи е утврдено дека гранатата била технички исправна и како таква требало да експлодира. Интересен е податокот дека во црквата се чуваат и оковите на, како што ја нарекуваат монасите, една чесна жена, која била муслиманка.

ostroggorenmanastir2Свети Василиј се родил во селото Мркоњиќ, Попово Поле во хумската земја, денешна Херцеговина, на 28-ми декември 1610 година. Уште како дете се одликувал со бистар ум, а со душата бил целосно насочен кон Бога. Уште како мал постел, се молел и редовно ги посетувал црковните богослужби. Некои соседи, потурчени Срби, ги замразиле неговите родители и тоа го пренеле и врз нивното дете. За да го заштитат од непријателите, а и сакајќи да го описменат, неговите родители решиле да го испратат во најблискиот манастир, наречен „Завала“, посветен на Воведение на пресвета Богородица. Таму првпат кај него се јавува желбата за замонашување. Потоа заминал во манастирот „Успение на пресвета Богородица“ во Тврдош, во требињскиот крај, кој бил седиште на истоимената епархија.

ostrogdolnimanastir2Од тоа место управувал со својата митрополија цели петнаесет години. На крајот отишол во Острошкиот манастир, каде што се упокоил мирно, без болки на 29-ти април 1671 година. Во часот на неговото претставување пред Бога, неговата ќелија заблескала со светлост, а од карпата покрај која се упокоил израснала винова лоза, иако во карпата немало нималку земја и се наоѓала на 900 метри надморска височина. Неговото тело било погребaно под храмот посветен на светото воведение на Mајката Bожја. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука