ноември 1, 2014

Охрид, 1. ноември 2014 (ОХРИДПРЕС) – Училишната спортска лига во мал фудбал стартува денеска на спортско-рекреативниот центар „Билјанини Извори“ во Охрид.

Сојузот на училишни спортови заедно со професорите по физичко образование, општина Охрид и јавното претпријатие „Билјанини Извори“ во текот на изминатите неколку месеци работеа на формирање организиран систем на натпревари за учениците од охридските училишта.

Спортските работници велат дека ова ќе овозможи правилен психомоторен и физички развој на основците и средношколците од  Охрид. На тој начин, сметаат тие, децата ќе го развијат спортскито дух, но и ќе се развива другарството помеѓу нив.

Секоја сабота во периодот од 09:00 до 14:00 часот на спортско-рекреативниот центар „Билјанини Извори“ ќе се натпреваруваат фудбалските екипи од основните и средните училишта.

Во проектот „Училишна спортска лига“ ќе учествуваат одбрани селекции од четирите средни и сите основни училишта на територијата на општина Охрид. Ќе се игра по принципот „секој со секого“. Ќе има осум кола, односно по четири во основните и исто толку во средните училишта. Натпреварите ќе се одвиваат во два дела, есенски и пролетен, и на крајот ќе се игра фајнал фор-от со четирите најдобропласирани екипи.

Натпреварите на охридските ученици ќе ги следат медицински екипи од Општата болница во Охрид, кои пред секоја игра ќе вршат и здравствени прегледи на учесниците во лигата. (Крај)

извор: Охридпрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука