јуни 17, 2024

Охрид, 17. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Апликацијата TrashPinger, креирана од средношколци од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид и е прва апликација за пријавување диви депонии е веќе достапна за преземање.

Компанијата „GreenForce“ составена од учениците Ана Спироска, Ана Атанасовска, Дарко Крлески, Климент Маријаноски, Александар Спасеновски под менторство на професорката Ирена Ралева Најдевска минатата година ја претставија апликацијата на шестиот Државен натпревар за ученички компании, што се одржа во Струга.

Во интервју за Супер радио и OhridPress од тимот потенцираа дека главната цел е да се подигне свеста кај граѓаните, а потоа и да се помогне на комуналната служба.

– Сакаме да ја подигнеме свеста, да не се фрла отпад на несоодветни места и тоа постојано да се повторува, односно комуналната служба да го чисти, туку едноставно да дојде до подигнување на нивото на култура на оденсување и грижа за животната средина, рекоа меѓудругото од „GreenForce“.

Изминатиов период TrashPinger беше меѓу најдобрите седум тимови во целата држава на RISE програмата за идните млади социјални и зелени претприемачи, го подели третото место на натпреварот „Најдобар бизнис концепт 2024: Натпревар за зелени иновации“, а во април годинава тимот доби грант од Фондот за иновации и технолошки развој на УНИЦЕФ за имплементирање и развој на својата апликација.

Апликацијата може да ја преземете на следниот линк. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука