февруари 6, 2015

Охрид, 6. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Тони Нически е камерман повеќе од две децении, а веќе десет години низ објективот ги покрива настаните од Охридскиот регион за јавниот телевизиски сервис – Македонската телевизија.

За својата животна определба, вели, сонувал уште од тинејџерските години. Иако почетоците биле тешки, сепак тој успеал да набави камера од странство и да продолжи да го остварува својот сон. За својата работа вели дека е тимска. Прилогот е идеален кога и новинарот и камерманот ќе си го сработат својот дел така како што треба, професионално, вели во интервју за Супер радио и OhridPress Нически.

Супер радио: Долги години работите како камерман во телевизиите. Дали оваа работа од секогаш сте сакале да ја работите или во медиумскиот простор се најдовте сосема случајно?

Нически: Снимател, тоа е мојата животна желба уште додека бев тинејџер. Желбата ми беше да работам со камера. Во тоа време беше тешко да се најдат камери,требаше да се набавуваат од странство, но сепак, упорен сум кога ќе се зафатам за некоја работа. Набавив камера и почнав да работам во далечната 1989 година.

toniniceski2

Супер радио: Раскажете ни за почетоците. Најпрвин бевте дел од локалните телевизии, за подоцна да работите за јавниот ТВ-сервис каде што сте се уште?

Нически: Откако набавив камера, во прво време снимав веселби и други свечени пригоди, но тоа не беше доволно зашто сакав да напредувам и да истражувам на други полиња. Случајно се најдов во АТВ, струшката телевизија, и таму работев многу кусо време. Мојот прв поголем ангажман беше во охридската локална телевизија ТвМ каде останав нецели 10 години. Можам да кажам дека тогаш имаше многу добра екипа. Се работеше повеќе од елан отколку за пари. И ден денес видни имиња излегоа од таа ТВ-екипа. Но со оглед на тоа што времињата се менуваат, секој формира семејство и треба да го издржува, и приликите се менуваат, секој се бори за опстанок.

Во 2001 година со особено почитуваниот новинар Симон Илиевски и со Зоран Машиќ ја основавме „Кат-продукцијата“ и закупивме простор во тогашната локалната телевизија НТВ и правевме наши сопствени вести. За информација на слушателите на Супер радио и читателите на OhridPress, ќе кажам дека во тој период направивме многу. Вестите одеа во живо. Имавме 30-минутни вести одработени од екипа сосотавена од четворица. За жал, тогашниот сопственик на телевизијата не успеа да ја процени важноста и квалитетот на тие вести. Тогаш во Македонија, освен Македонската телевизија и можеби тогашната А1, ретко кој телевизиски медиум емитуваше вести во живо. Тогаш излегоа многу добри прилози, буквално од сите аспекти на локалниот живот.

Тоа траеше две-три години, а потоа влегов во Македонската телевизија како хонорарец, а потоа и како вработен во Македонската телевизија, и нормално, тука има сосема друга приказна, други шеми, многу попрофесионална работа. Од самиот почеток работиме заедно со Сашо Нелоски, и голема чест ми е да работам со новинар од таков ранг. Го сметам дури и како член од моето семејство. Толку сме уходани што доволно е да видам за каков настан се работи и знам што ќе направи односно напише тој. Многу брзо ги правиме прилозите од Охрид.

Инаку вообичаено, во МТВ се работат секакви други материјали, не само прилози за потребите на дописната мрежа. Имаме обврска да ги покриваме и странските сервиси. Го покривавме Охридскиот договор, присуството на Бан-ки Мун… Се снимаше за МТВ но и за најмалку 10-тина други странски сервиси. Тоа е многу поодговорна работа. Со еден збор, исполнуваме се што ќе ни каже базата во Скопје.

toniniceski3

Супер радио: Каков е животот од другата страна на камерата? Како Вие ги доживувате настаните што се случуваат, а кои вие ги регистрирате низ објективот на камерата?

Нически: Никогаш досега сум немал прилика да го искажам тоа чувство. Дури и не знам како да го кажам. Поинаку  е пред камера, а сосема поинаку е позади камерата. Ние ги гледаме сите настани. Новинарите прашуваат нешта кои се поврзани со настанот, личностите што ги снимаме, но ние камерманите, треба да обрнеме внимание на гестикулацијата на оној што го снимаме, на неговото лице, на кадарот што ќе се емитува, буквално на сите работи. Камерманите покажуваат се’ преку сликата. И оваа наша работа има тежина, ама сепак, повеќе од јасно е дека тоа е спрега помеѓу камерманот и новинарот. Прилогот е идеален кога и новинарот и камерманот ќе си го сработат својот дел така како што треба, професионално.

Супер радио: И самите веќе кажавте, работењето на телевизиските работници е тимска работа. Не може новинарот да функционира без камерманот, ниту пак обратно.

Нически: Тоа е спрега, машина. Ако затаи еден забец од машината, ништо од веста што ја имаме. Тоа е заедничка работа. Кога со некого работиш веќе една деценија, точно знаеш како неговото перо ќе го регистрира настанот.

Супер радио: Може ли да се опстане од вашата работа?

Нически: Во денешно време е тешко да се опстане со која било работа, па така и со нашата, но желбата да се работи она што се сака, секогаш преовладува во животот. Ако сакаш нешто да правиш, тогаш ќе го работиш и по цена да не е исплатливо. Тоа е  врежано во нашиот ген. Се надеваме на подобри времиња и работиме за подобри времиња.

Супер радио: Дали кога би морале одново да избирате, повторно би ја избрале оваа професија?

Нически: За среќа мојата професија е неограничена, нема крај. Порано беше многу поскромно но поинтересно. Технологијата постојано напредува и никогаш не застанува на едно место. Секоја генерација учи преку новата технологија.

Супер радио: Напредокот на технологијата сигурно го промени и Вашиот начин на работа?

Нически: Во секој случај, во нашата работа, испраќањето на прилогот до базата е секако побрз и поефикасен, но од друга страна, уметноста на изработка на една фотографија или снимка е сосема понаква денес. И да ја згрешиш снимката, со помош на комјутерот можеш да ја дотераш како што сакаш што не беше случај порано кога требаше да бидеш крајно внимателен на лице место додека се снима прилогот.

toniniceski4

Супер радио: Кој е Тони Нически во приватниот живот и што најчесто прави во слободното време?

Нически: Камерата преовладува и во мојот приватен живот. Ако е нешто добро и имам слободно време, гледам да фотографирам или да снимам иако сега засега не го изложувам тоа што го регистрирам. Веројатно ќе дојде време кога ќе ја претставам и јавно целата своја архива собрана во текот на изминатите 20 години, сите тие прилози што се работеле, снимки, илјадници слики. Можеби во иднина ќе  излезе некоја творба од сето тоа.

Инаку сум сопруг на Даниела и татко на Игор и Ивана. Игор веќе покажува афинитети кон мојата професија, и можам да кажам многу повеќе е наклонет кон сликањето. Камерата порано беше луксуз и реткост, а сега секој има камера. Дури и најосновен телефон има многу добра камера. Сметам дека фотографијата овозможува поголема слобода во уметноста, повеќе можеш да ја одработиш, а камерата веќе не е тоа што беше. Камерата го дава движењето на пример на 20-тина слики во секунда.

Супер радио: Има ли некој настан што сте го регистирирале низ годините наназад кој ќе ви остане долго во сеќавање?

Нически: Да, има таков настан. Го регистриравме случајно. Тоа беше во времето на „Кат-продукцијата“. Тогаш имаше големи снежни врнежи како изминатиот период и ние со колегата Симе заминавме во охридското планинско село Куратица каде секогаш има голема снежна покривка. Едвај се искачивме до Прентов Мост и гледаме поштарот на мотор ја носи поштата во завеаното село. Не можевме да им поверуваме на очите. На такво невреме поштарот на мотор да носи писма во село кое е отсечено од цивилизацијата. Направивме добар прилог.

Супер радио: Раскажете ми некоја интересна анегдота која ќе остане во сеќавање од секојдневното дружење и соработка со колегите?

Нически: Ги има многу, ама не сакам да споменувам јавно имиња на колегите за да не ми се налутат. Смешните ситуации ги правиме самите ние и самите си се смееме на нив. Еве ќе кажам само една. Во една пригода, снимавме прес-конференција од фестивалот „Охридско лето“. Ги наместивме камерите, прес-конференцијата почна и заврши, и кога настана тишина, еден колега им се обраќа и им вели – може да почнете.

toniniceski5

Супер радио: Сосема на крај, како Ви изгледаат содржините на прилозите што се снимаат од Охрид и се емитуваат, на локалните или националните телевизии?

Нически: Порано се снимаа прилози од општиот реален живот на Охрид, од култура и други интересни животни приказни. Сега 90 проценти од прилозите се однесуваат на црната хроника. И не само во медиумите, туку и воопшто, во животот, се` е некако сиво. Хуморот недостасува и во секојдневието. Освен неколку стенд-ап комедии, повеќе ги немаме ниту оние театарски комедии што се прикажуваа во Центарот за култура „Григор Прличев“ и чии реплики и ден денес добро ги паметиме. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука