Берлин, 8. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Има реална опасност од нова поделба во Европа, упати отворено предупредување германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер.
– Ако денес се избере погрешен пат, тогаш треба да ни биде јасно дека ќе ни бидат потребни, не години, туку децении за да ги санираме последиците од оваа погрешна политика и погрешниот пат, рече Штајнмаер и истакна: „Европа е загрозена од нова поделба и тоа треба сите заедно да спречиме“.
– Дали ќе се тргне по овој пат, ќе се знае веќе во текот на наредните два–три дена, рече уште Штајнмаер на маргините на конференцијата за безбедност во Минхен, каде фокусот е ставен на мировниот план предложен во Москва и Киев од страна на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд.
Според германскиот дипломат, потребните одлуки мора да бидат донесени од страна на Москва и Киев, а не само во Берлин и Париз. Сега од страните во конфликтот зависи да одлучат дали ќе одат на патот на негова понатамошна ескалација или во насока кон примирје и политичко решение.
– Во моментов навистина сме на крстопат, посочи Штајнмаер. (Крај)
извор: АРД фото: АП