февруари 11, 2015

Скопје, 11. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Со транспаренти во раце студентите уште еднаш порачаа дека не се откажуваат од автономијата на универзитетите.

Студентскиот пленум пред насобраната толпа пред платото на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје, порача дека во изминатите четири месеци имале активен отпор, но и покрај тоа биле игнорирани од надлежните.

Од Студентскиот пленум порачаа дека се скептични за попустливоста на власта и дека со ништо не се гарантира дека она што е ветено, ќе биде исполнето, а тоа е усвојување на нов закон за високо образование. Тие побараа потпишување на спогодба помеѓу Интеруниверзитетската конференција и Министерството за образование и наука со цел загарантирано учество на Студентскиот пленум во креирањето на новиот закон. На крајот студентите беа повикани да влезат во факултетите кои се во состав на УКИМ и да ги окупираат објектите. Тие поставија шатори и порачаа дека нема да си одат од факултетите додека не им се исполнат нивните барања. Воедно упатија повик до сите граѓани доколку сакаат да им помогнат да им достават ќебиња, храна и санитарни материјали. (Крај)

извор: Р.С. Европа фото: Тв Нова

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука