февруари 19, 2015

Струга, 19.февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Советниците од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството во Струга вчера одржаа трибина во струшкото село Мислешево на која пред 20 земјоделци беа презентирани основните мерки на добра земјоделска хигиенска пракса (ДЗХП), како и минималните критериуми кои треба да ги исполнат земјоделските производители.

Овие критериуми, според Слаѓана Калајџиеска Бебекоска, советник во струшката подрачна единица, во иднина ќе влијаат и на условот за добивање на финанасиска поддршка односно субвенции.

Присутните земјоделци беа запознаени со дел од мерките на ДЗХП и тоа со оние кои се однесуваат на правилна употреба на вештачките ѓубрива, пестицидите како и на средствата за лична заштита.

-За вештачките ѓубрива и пестицидите важно е да се применуваат кога на културите им се најпотребни, да се аплицираат во точно определени дози и концентрации, во фаза на развој на културата кога за тоа навистина има потреба. Со вештачките ѓубрива растенијата се обезбедуваат со потребните хранливи материи, се одржува плодноста на почвата. Ако нивната примена е навремена, точно дозирана, ако истите равномерно се растураат по површината, културата ќе ги добие потребните макроелементи и микроелементи навреме и во потребните количини што ќе резултира со високи и квалитетни приноси. Прв чекор за постигнување на ова е агрохемиска анализа на почвата врз која ќе се изработи план за ѓубрење на културите. Пестицидите како средства за заштита од болести, штетници и плевели исто така треба да се аплицираат навремено, равномерно, во точно утврдени дози. Зголемувањето на дозата не значи поголема и посигурна заштита. За таа цел редовно треба да се следи состојбата на посевите и насадите и да се интервенира кога за тоа ќе се јави потреба, вели КалајџиескаБебекоска.

Како што додава таа, сите овие постапки имаат економско и еколошко влијание, што значи ги намалуваат трошоците кај земјоделскиот производител, а од друга страна ја зачувуваат животната средина од прекумерно загадување.

-На земјоделците во Мислешево им беше презентирана и важноста од користење на соодветни средства за лична заштита зашто тие треба не само да ги заштитуваат културите од своето производство туку треба да се заштитат и себеси од штетното влијание на хемиските метрии кои ги користат. Треба да носат соодветна заштитна облека, маска, очила,ракавици, чизми изработени од непропустлив материјал со кои ќе се заштитат од штетното дејство на хемиските материи. Дадена е напомена дека хемиските препарати кои ги користат имаат штетно влијание врз нивното здравје, а со долготрајно изложување на нивното дејство многу од нив се и канцерогени, појаснува Калајџиеска -Бебекоска.

На оваа трибина присуствуваа и претставници од сертификациското тело за органско производство „Просерт“ од Скопје, фирмата „Агрос“ и претставници од „Триглав осигурување“. (Крај)

извор:ОхридПрес  фото:ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука