февруари 20, 2015

Струга, 20. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 49-годишниот А.В. од струшкото село Радолишта, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Пријавениот во својство на директор на јавното претпријатие „Проаква“, во текот на 2011 година ја злоупотребил својата положба и овластување и оттуѓил целосно амортизирани пикап возило „Застава-поли“, возила „Волга“ и „Хундаи Соната“ како и еден багер „Радое Дакиќ“.

Од купувачите не биле уплатени парични средства на сметка на претпријатието при што за вредноста на овие основни средства го оштетил претпријатието. Продажната вредност во времето на оттуѓување била 242.000 денари од кои, по пат на компензација за багерот наплатени се 123.000 денари при што јавното претпријатие е оштетено за износ од 129.000 денари. При преглед на финансиските картици констатирано е дека трите пикап возила ги немало во книговодствената евиденција и дека со посебни машини, без документација туку само со усна наредба на пријавениот биле подигнати од Отпад Охрид.

Во книговодствената евиденција немало доказ за евентуална продажба и на возилото „Хундаи Соната“ кое подоцна било пронајдено кај автомеханичар во струшкото село Велешта.

Во врска со одлуката за формирање на трочлена комисија која била овластена да формира продажна цена на основните средства по пат на наддавање – лицитација, констатирано е дека трите члена воопшто не биле информирани дека се избрани во таа комисија ниту пак од службата добиле решенија дека се назначени членови на таа комисија. Тоа значи дека не биле запознати околу продажбата на основните средства, а решението било изготвено само од формално-правен аспект. (Крај)

извор: МВР фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука