јануари 4, 2017

Охрид, 4. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Еден ден пред Божиќ кога Св. Наум ја беше завршил Светата литургија во манастирот и ги беше пречестил монасите и народот, почувствувал дека му се приближува разделбата од овој свет.

Гледајќи го монасите неговото бледо лице, од кој излегувала некоја блага светлост, почувствувале во своите срца дека наскоро мора да се разделат од својот духовен татко и учител. Поради тоа почнале многу да жалат и се свртувале настрана бришејќи ги солзите од своите очи.

Светиот отец гледајќи ја нивната тага и солзи, ги повикал сите монаси покрај себе во тремот пред црквата. Постарите монаси седеле заедно со помладите кои биле на нозе се собрале околу нивниот духовен родител, како пчели околу матицата своја. Тогаш светиот отец ги прашал со тивок глас:

– Зошто плачете браќа мои? Зошто тагувате во овој час, ние треба да се радуваме во овој последен час. Нели сите се причестивме со света крв Христова, која сите нас не соединува и не прави Божји синови. Причеста нели ве побудува на веселба и пеење, бидејќи преку светата причест се соединивме со живиот Бог, гревовите ваши ви се простени и вие сега сте светли и чисти, слични на небесните ангели. Ме чуди од каде кај вас оваа тага наместо радост и плачење наместо веселба.

svnaumcrkvaopstaСите монаси замолчеле со наведнати глави освен отец Илија кој со плачење прозборел:

– О, свети и добри оче наш прости ни! Неможеме доволно да се нагледаме на вашето свето лице и да се наслушаме на вашите слатки зборови. Сакавме да ја сокриеме нашата тага и да ги проголтаме солзите, но знаевме дека од вашата видовитост ништо неможе да се сокрие. Затоа еве отворено да кажеме за она што вие со духот ваш го читате во нашите срца. Тагуваме отче, бидејќи чуствуваме дека скоро ќе си одите од нас. Твојата света душа е во рајот, а каде ќе одиме ние слаби и мали без тебе? Плачеме како сирачиња, како деца при разделбата со своите родители.

Кажувајќи го ова, старецот Илија ја фатил својата брада со двете раце и сиот се облил со солзи.

Се јавил и монахот Данил кој кршејќи ги своите раце извикал со сиот глас:

– Не оставај не оче слатки! Подобро ти сите нас да не испратиш еден по еден, одошто ние тебе. Бидејќи ти си јак како даб на кој никаков ветар не му може ништо. Ти можеш да живееш и да се одржуваш во животот и без нас. А ние сме како тенки-слаби трски, кои и на најмал ветар се вијат и кршат. Ние не можеме без тебе.

Тогаш сето братство уште повеќе почнало да пролева солзи и да плаче. Еден по еден почнале да му се приближуваат на светиот Отец целивајќи му ја неговата рака и оставајќи ги нивните солзи на неговата риза. Светиот Отец едно време молчел со наведната глава – а во душата своја молитвено разговарал со Бога. Ја подигнал главата и почнал благо да зборува:

– Не тагувајте браќа за мојата смрт, која еве се приближува и ја чувствувате и вие ништо помалку од мене и присуството на ангелот на смртта кој е пуштен по мене. Јас од смртта не се плашам, така да и вие да не се плашите од неа. Бидејќи како што реков, не се плашам од смртта, но се плашам од она што ќе дојде по смртта. Се плашам од Божјиот Суд, пред кој секоја душа ќе биде изведена, па и мојата. Кога смртта е од Бога таа е послатка и од мед, бидејќи Спасителот Наш нема ништо да ни даде и пушти, а што нема да ни служи за наше добро. Јас сум гледал како мајка на своето родено дете му дава горчлив пелин за да му помине треската. Детето неразбирајќи, мислејќи дека мајка му дава горчлив отров, почнал плачејки да ја удира мајка му по лицето и целото тело. А нашиот Створител повеќе не сака и од родената мајка наша, се Он што ни дава, дали здравје или болест, било радост или жалост, било живот или смрт – сето тоа служи за наше добро и вечно спасение. Или сите сте заборавиле браќа мои како ви зборував, дека ѕвездата патеводителка за монасите е сеќавање за смртта. Монахот се разликува од другите светски луѓе, најмногу по замислувањето за својата смрт. Светските (обичните) луѓе се заплеткуваат во разни светски суети, и од ден на ден очекуваат да најдат некоја среќа, богатство, не размислувајќи за смртта се додека не легнат во постела. А додека монахот мисли на разделбата од овој свет и кога седи и кога станува, кога се разбудува и кога си легнува, кога е здрав и кога е болен и дење и ноќе, се до последното издахнување.

svnaumcrkvavnatre1Еве, и по мене смртта доаѓа, но не изненадно бидејќи ја чекам многу години, секој ден и секој час. Ја чекам не како непријател, но како пријател, со зборовите на Светиот апостол Павле: „Но не се плашиме и сакаме, што поскоро да го напуштиме телото и да се прибереме при Господа“( II Кор.5.8). Смртта доаѓа од мојата душа да ја скине телесната риза, ова месо и крв, оваа вода и коски – смртта сето тоа ќе го скине од мојата душа и ќе ја пушти како птица која излегува на слобода од кафез, да се воздигне по милоста на Семилостливиот и по вашите молитви, во небесните висини, во правиот дом свој, во красните предели на вечната светлина на светиите. Затоа ве молам браќа, не тагувајте и не плачете за мојата смрт, бидејќи вашата тага фрла сенка на мојата душа и ги ослабнува вашите души. Значи ако имате љубов спрема мене и кон себе, престанете со тагување и плачење за да не го навредите небесниот свет Божји, и искористете ги овие последни мигови што сум со вас за нешто подобро.

Од тие мудри зборови браќата се смириле собирајќи го својот ум во себе, и бришејќи ги солзите и од длабините на своите срца, почнале да размислуваат за сите зборови што им ги кажал Отецот. Најпосле станал еден млад монах по име Арсение и поклонувајќи се пред преподобниот отец рекол:

– Благослови оче Науме, и јас еден од младите и недостојните браќа сакам да го искажам она што ми доаѓа од срцето. Ако е веќе Божја волја да не оставиш, те молиме и те проколнуваме, не не оставај без совети и поучувања. Остави ни завет, свети Оче, краток и јасен, кои ние прости и немоќни би можеле да го држиме за спасение на нашите души.

Овие зборови како да му биле угодни на Отецот, тоа го приметиле сите монаси, како на лицето му се покажала една убава радост, се прекрстил и почнал да беседи:

– Ќе ви оставам браќа мои монаси еден завет, навистина краток но јасен, по кој и јас на Бога се молев и се трудев по него да живеам, а кој на вас ќе ви биде од корист. Овој завет се состои само од четири збора, кои зборови се многу лесни за да ги сватите и разберете. Четирите зборови се разбудување, покајание, очистување и причестување. Знајте и запаметете браќа мои монаси само четири збора:

– РАЗБУДУВАЊЕ
– ПОКАЈАНИЕ
– ОЧИСТУВАЊЕ
– ПРИЧЕСТУВАЊЕ

Овие се четири скали на патот за спасение кој сака да биде совршен мора да ги помине овие четири скали.

Протојереј ставрофор Марјан Г. Радински

svnaumopsta4I. РАЗБУДУВАЊЕ

Прв мој завет ви е: разбудување

Значи се додека душата е во телото – греши, таа е успиена, таа не знае ниту за себе ниту за створителот свој. Таа е опиена од гревови, како опиен човек, и така опиена лежи во нашето тело како во болничка постела. Опиена и заспана душата не знае за друго задоволство освен за она што преку телото доаѓа. Тоа што на телото му прави задоволство исто така и на неа и прави задоволство. Таквата душа не ја води разумот, туку телото, а телото само по себе е како слепа земја. И така кога слеп слепец води, и двајцата одат во смртна пропаст. Затоа монаси, разбудувањето на душата е почеток за спасение. Бог сака сите луѓе да се спасат и поради тоа Он дејствува прво на успиената душа да ја пробуди. Има многу примери како Бог ги буди човечките души. Бог го пробудил Савле преку сонот Јосифов, потоа преку потреси, болести и смртни случаи во фамилиите, како цар Давид. А некој пак се разбудил кога во рацете ќе му дојде Св. Писмо и ќе почне да го чита. Некој се разбудува во младоста, некој во староста. А има и многу случаи кога некој се разбудува на смртниот час кога душата се чувствува слободна од тежината на телесните слабости.

Но блажени се оние кои рано се разбудуваат, тие се како ранобудници кои рано стануваат и по цел ден разумно мислат, гледаат и работат. А тие кои се будат во смртниот час по цел ден се мрзливи, по цел ден спијат, па дури кога ќе се стемни, кога ќе зајде сонцето тие ќе ги отворат очите и тогаш ќе се прашаат: Каде сме ние? Кој нас не пратил? Зошто сме овде? Блажени сте вие монасите, бидејќи вие сте разбудени, пробудени. Вие сте разбудени од гревовниот сон и отрезнети од телесното пијанство. Како разбудени вие увидовте и почуствувавте дека телесните задоволства се горки за разлика од духовните наслади. Тие духовни наслади (задоволства) вие ги пиете со полна чаша со која и душата своја ја раните и јакнете. Само пазете се да не отстапите од овие духовни наслади. Чувајте се да не паднете назад во телесните наслади, задоволства кои душата ја трујат, опиваат и успиваат за на крајот да ја усмртат. Бидете будни постојано, чувајте стража деноноќно над самите себе. Разбудувајте се непрекинато, постојано како вие така и сите околу вас. Разбудувањето е прво правило на животот, прва скала на патот за спасение. Разбудувањето, монаси, нека ви биде прв мој завет.

svnaumkambanarijaII. ПОКАЈАНИЕ

Мој втор завет ви е: покајание

Кога ги изговори овие зборови Божјиот светител, застана за да собере сила за да може и понатаму да зборува. Тогаш проговори старецот Илија и рече:

– Твоите зборови свети отче, паѓаат како мевлем на нашите души. Секој твој збор е света вистина. Исповедам пред тебе и пред сите браќа, дека и јас во светот долго време бев опиен од гревот и заспан. Но Севишниот ме разбуди со гром. Еден ден заврна дожд и јас и мојот сосед се сокривме под едно големо дрво. Соседот беше многу голем хулник на светињата. Налутен од дождот кажа некоја страшна пцовка. Во тој миг почна да грми и громот удри во комшијата кој беше покрај мене и го уби. Јас останав жив. Тој настан ме разбуди како од мртов сон, и од тогаш јас почнав да се бојам од Бога и да си ја спасувам мојата грешна душа.

Потоа светителот Божји почна да зборува:

– Браќа мои, втор завет ви е покајанието. Покајанието доаѓа веднаш по разбудувањето. Додека човекот не се разбуди од гревовниот сон тој не може ни да се покае. Како што патникот не може да го направи вториот чекор, без претходно да го направи првиот. Кога некој спие до пладне, може ли тој да се покае за тоа што лежел толку долго и спиел, се додека не се разбуди? Не, заспаниот не се кае, разбудениот се кае. Значи во духовниот живот покајанието доаѓа по разбудувањето. Покајанието има четири степени. Тоа може да биде мало, средно, големо и совршено (евангелско). Незадоволството од себеси, е мало покајание. Срамот од себе и од своите лоши дела и гревови, е средно покајание. Гневот кон себе поради направените гравови, е големо покајание. А да се мразиш самиот себе, тоа е совршено или евангелско покајание. Никодим бил незадоволен од себеси. Грешниот Захеј се срамел од себеси. Апостолот Петар одрекувајќи се од Господа се гневел на себеси. А грешната жена која со солзи му ги миела нозете на Спасителот се мразела себеси.

Слушнете, браќа мои, и запомнете: ако разбудениот грешник брзо не чекори од мало кон големо покајание, тој брзо ќе заборави сè и повторно ќе се опие и успие од гревот. Тоа е исто како кога некој човек се качува по некоја стрмнина; ако не оди брзо туку застане, ќе почне веднаш да паѓа наназад. Затоа, штом некој ќе почне да оди по патот на покајанието нека оди до крај, нека оди брзо, нека не застанува и нека не се врти наназад. Вистински покајник е оној кој целиот свој живот ги бара и испитува своите гревови, ги признава, ги исповеда и ги отфрла. Како што ловџијата трча по животните, така и покајникот треба неуморно да ги гони своите гревови, за да ги открие и да ги исфрли. Или, пак, кога некој бос долго трча по полето, и потоа ќе почне да ги вади трњата од нозете свои; дали тогаш ќе извади само еден трн, а другите ќе ги остави во нозете, или, пак, сите ќе ги извади? Се разбира дека сите ќе ги извади. Од покајанието душата гори, плаче, рида и се смирува пред Бога и пред секое друго Божје создание и се смета себеси за понечиста од сите созданија. Зарем не сте, читале за оној покајник, комушто некој му рекол да згази еден црв. Тој му одговорил: Како можам да го згазам она што е почисто од мене? И така, браќа монаси, покајанието е второто скалило по ред, а прво по разбудувањето на човечката душа. Блажени се разбудените, а двојно поблажени се оние што се каат. Блажени сте и вие, браќа мои, што ја разбравте ползата од покајанието и ги вкусивте златните плодови на покајанието. Но немојте да стоите и да застанувате се додека покајанието не го направите совршено. Каде и да сретнете разбудена душа која прашува: што да правам сега? – покажете ì љубов и покажете ì го вистинскиот свет пат на покајанието.

Ова ви е мојот втор завет, браќа мои монаси, кој не може да постои без првиот, и од кого првиот добива вредност.

svnaumcrkvaopsta1III. ОЧИСТУВАЊЕ

Третиот мој завет ви е: очистување

По овој говор светителот Божји замолкна. Тогаш монахот Атанасиј му постави вакво прашање: Кажи ни, отче игумене, до кога човекот треба да се кае за еден грев и до кога треба да мисли на него? На сериозното лице на свети Наум се појави блага насмевка и вака одговори:

За ова токму сега сакав да зборувам, чедо мое духовно. Одговорот на твоето прашање го содржи третиот завет, заветот за очистување. Очистувањето, браќа мои монаси, доаѓа по покајанието, и тоа по големо и совршено покајание. Мало покајание е како, кога човекот ќе се почеша по раната која го чеша и пече. А очистувањето е исцелување на раната. Штом човекот вистински ќе се покае за сторените гревови тој веднаш има две желби:

1. Некако од своето минато да ги избрише црните гревови;
2. никогаш да не ги повтори.

Како човек може да ги избрише своите стари гревови кои не може никогаш да се вратат? Погледнете го ова големо езеро пред нас. Може ли човекот што стои на овој брег да го избели платното што стои на другиот брег од езерото? Изминатите денови не се во наша власт, тие се во Божји раце. И само единствениот семоќен Бог може да ги испере и обели нашите минати црни денови. Само единиот Бог може да ни ги прости гревовите и да ги избрише од нашиот живот. Значи, очистувањето на нашите гревови го врши Самиот Бог со Својот Свет Дух. Он го прави тоа со љубов на сите оние кои од Него го бараат тоа. Како што мајката со радост и љубов го мие своето дете кое паднало во калта и се извалкало, па  плачејќи ја моли мајка си да го измие и исчисти. Така и милостивиот наш Отец Небесен ги мие грешниците кои извалкани повикуваат кон Него. Значи, во крајна линија, само единиот жив Бог може да ни ги прости гревовите и да ги избрише од нашиот живот, и да ја обели нашата душа, да биде побела од снег, според зборовите на Псалмопеачот. Но нашиот добар Бог секому од нас му дал труд според нашата сила и разум. Синот Божји јасно ни покажал што бара од нас светата волја Божја. Вие самите се трудите во постот, молитвата, милостињата, плачот, простувањето на туѓи гревови, во воздржувањето, во телесната и духовна целомудреност, во Богомислието, во сеќавањето на смртта и на Страшниот Божји Суд, во помислите на вечното блаженство на праведниците и на горките и тешки маки на грешниците во пеколот, и во сè друго што е заповедано во Евангелието, а кај Светите Отци е разјаснето и со примери покажано. Сето тоа, од најмало до најголемо, служи за очистување на душата од гревовите. Кој ќе испушти нешто, нему раните гревовни тешко му зараснуваат. Разбудувањето значи, дека човекот ги забележал раните на својата душа. Покајанието значи дека ги пресекол и ги отворил. Очистувањето значи, дека човекот направил сè за да излезе сиот гној од раните и да зараснат. А сè додека раните на душата не зараснат, отче Атанасиј, дотогаш мораме да се каеме и да се очистуваме, па сакале или не, на тие рани мораме да мислиме. Ти ме прашуваш до кога човекот треба да се кае? Сè додека раните потполно не се очистат и зараснат, и нивните траги не се изгубат. Бидејќи каењето значи непрестајно отварање на душевните рани. Раните не можат да се очистат од гној ако не се отворат. Па така, не може да има очистување без покајание. Кога раните потполно ќе се очистат и ќе зараснат, тогаш нема веќе рани, па нема ни каење. Тогаш престануваме да мислиме на сторените гревови. Исто како што не мислиме на раните, што некогаш сме ги имале на телото, па сме ги излечиле, така не мислиме ни за гревовите кои некогаш биле, а сега се избришани од нашите души.

Но и покрај сите наши трудови и маки за очистување на нашите души, никогаш не би можеле да се очистиме без Божјата благодат. Затоа во овој манастир, во срцата и усните на монасите, постојано е молитвата: Боже, очисти ме мене грешниот! Правило од кое не се отстапува. Монаси мои, блажени се разбудените, двапати поблажени се оние што се каат, а три пати поблажени се очистените. Заветот за очистување ви е трет завет; Бог ви подарил три среќи: првата е вие да се спасите, втората е да ги видите спасени сите покајани грешници во Царството Божјо, и третата среќа, сите монаси во овој манастир и поклоници до крајот на векот заедно со вас да го најдат спасението во слаткиот рај.

svnaumkompleksIV. ПРИЧЕСТУВАЊЕ

Четвртиот мој завет ви е: причестување

– Зборувај ни, отче наш игумене, рекол монахот Макариј. Зборувај ни колку што може повеќе. Зборовите твои нè разбудуваат и нè водат кон покајание, нè очистуваат од гревовите и нè приближуваат до нашиот жив Бог. Па ако е Божја волја да се преселиш пред нас од овој живот, знај дека твоите свети зборови ќе бидат со нас наместо тебе, и ќе живеат во нас, додека, ако даде Бог, пак да се сретнеме во оној живот, по молитвите твои, свети отче. Игуменот му одговорил:

– О, мудри Макариј, што сакаш да ти зборувам кога си блиску до совршенството? Кога јас ќе се разделам од вас, ти на помладите биди им татко и учител. А сега, монаси мои, да го завршам четвртиот завет. Тоа е причестување. Кога разбудената и покајана душа ќе се очисти од гревовите, таа се разгорува со неискажлива љубов кон својот Создател и не сака ни за миг да се раздели од Него, и пламти од желба да биде целосно соединета со Него. Ова соединување може да биде преку мисли, зборови и дела т.е. со умот, чувството и волјата. Поимот причестување значи соединување. Со она со кое можеме да Го сакаме Бога, со тоа можеме и да се соединиме со Него. Кажано е: „Сакај го Господа Твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сиот свој разум“. Но, човекот не може да се соедини со Бога сè додека не се одвои од сè што е земско, сè што е минливо и смртно. Со умот, човекот се соединува со Бога кога се труди да мисли на секоја работа без злоба, онака како мисли и Самиот Бог. Уште повеќе со умот, човекот се соединува со Бога кога непрестајно мисли на Бога, за неговите својства, за Неговата сила, мудрост, добрина и вечност. Со срцето човекот се соединува со Бога кога срцето на човекот му е исполнето со љубов, љубов кон Бога и кон сето она што Бог го сака. А кого и што сака Бог познато ни е од откровението на вистината. Но нечистото срце не може да Го види Бога, ниту да Го сака. Само срцето очистено од секаква пристрастност и смртна љубов може да Го види Бога и да Го љуби. Човекот со душата се соединува со Бога тогаш кога радосно ги исполнува сите Божји заповеди, се труди да ги проучи сите заповеди и сите до една да ги исполни. Тогаш сите заповеди Божји му изгледаат лесни, а тој би сакал нешто тешко, претешко да направи од љубов кон својот Создател. Оттука се раѓа таа желба кај многу Богољубиви души да претрпат многу маки и маченички да умрат за својот Возљубен.

svnaumpanoramskaИ така, браќа мои, има три вида на соединување со Бога или причестување: со мислите, со чувствата и делата. Но врв на соединувањето со Бога е причестувањето со Телото и Крвта на Синот Божји. Во тоа се состои сè, и тоа е сè. Ова соединување ги содржи сите други соединувања, и во ова причестување се сите други причестувања. Браќа, Бог се јави во тело за да можеме ние телесните да се соединиме со Него, причестувајќи се со Неговото тело и Неговата крв. Има ли поголема љубов од оваа љубов?

Замислите си, мои монаси, дека неколку другари патуваат низ пустина каде што нема леб ни било каква друга храна. Гладните патници омалаксале од глад и блиску се до смртта. Тогаш еден од нив рекол: браќа мои, јас сум гладен, но кога би имал леб, јас не би го јадел, туку би ви го дал вам, вие да јадете. Тоа е голема љубов. Вториот рекол: браќа мои, кога јас би имал вода, иако сум жеден, јас не би пиел, туку би ви ја дал вам, вие да пиете. И тоа е голема љубов. Тогаш третиот викнал: браќа мои, еве вие сите ќе умрете од глад и жед, а во оваа пустина нема ништо ни за јадење, ниту, пак, за пиење. Еве јас се давам себеси да ме заколете, па јадете го моето тело и пијте ја мојата крв, и останете во живот. Е, монаси, од оваа љубов нема поголема. Таква е и љубовта Христова кон луѓето. Блажен е оној што со благодарност се причестува. Блажен е оној, кој се разделува од овој свет разбуден, покајан, очистен и причестен. Разбудувањето е увидување на раните на душата. Покајанието е расекување и отворање на тие рани. Очистувањето е потполно исцелување на гревовните рани. А причестувањето – браќа, е внесување во себе нов живот, ново здравје и нова сила.

svnaumcrkvavnatre2Причестувањето – тоа ви е четвртиот и нов завет. Тоа ви е мој завет, тоа ви е мој последен проштален збор со вас. Ако ви треба совет и раководство по моето заминување од овој свет, ете го во Охрид мојот брат, нашиот архипастир Климент. Обратете се до него и тој ќе продолжи да ве води по патот на вистината и спасението.

А сега, чеда мои духовни, останете со Бога! Благословот Божји нека биде со вас. Милоста Божја да не се дели од вас. Духот Божји Свет нека ве просветлува и крепи сè до вашата смрт. Простете и вам нека ви е простено. Јас одам каде што сите ќе одиме. Молете се на Бога за мене недостојниот. А јас, пак, ако се удостојам да го видам лицето Божјо, ќе се молам за вас, Господ да ве помилува и спаси. Амин.

Откако ги изговори овие зборови свети Наум направи метанија до земја пред монасите и тие се приближија да примат благослов од него, потоа се поклонија пред него и му ги целиваа нозете плачејќи гласно.

Пред вечерта, во истиот ден, светиот отец ја испушти својата душа и лицето негово заблеска како сонце, и некој небесен мирис се разлеа низ целиот манастир па и подалеку, со една убава, небесна арома. А над манастирот се појави еден светлосен столб од земјата до небото и се слушна некое таинствено слатко пеење, како ангелско. Така се упокои светителот кој се роди вечно да живее, и од кој еве повеќе од илјада години болните добиваат здравје, натажените – утеха, немоќните – сила, малоумните – разум, и сите го добиваат она што богоугодно го посакуваат.

Преподобен отче Науме, моли Го Бога за нас.
Слава на нашиот Бог. Амин.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука