Почина Дарко Гашпаровиќ – Добитник на светската награда за хуманизам на Охридската академија на хуманизмот

Загреб, 9. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вчера почина проф. д-р Дарко Гашпаровиќ, еден од најголемите и најпознатите хрватски проучувачи и истражувачи на македонската култура и уметност.

Гашпаровиќ беше професор на Универзитетот во Риека, а минатата година ја доби светската награда за хуманизам на Охридската академија на хуманизмот. Со оваа награда тој се вброи во редот на врвните светски претставници на хуманистичката мисла кои ја добија оваа висока и престижна награда, а меѓу кои се и Солжењицин, Рави Шанкар, нобеловката Херта Милер и други.

По повод добивањето на ова високо признание, Издавачката куќа „Феникс” ја објави книгата „Писмото низ вековите” од Дарко Гашпаровиќ во која тој прави пресек и се осврнува на Кирило-Методиевската традиција преку светите Климент и Наум.

Гашпаровиќ во овој редок и значаен научен труд се осврнува и задржува и на други пројави од македонската култура, а како автор е познат по своите стручни огледи и студии за водечките претставници на македонскиот театар: Коле Чашуле, Живко Чинго, Јордан Плевнеш, Слободан Унковски, Владо Цветановски, Дејан Пројковски и други.

Непосредно пред смртта излезе од печат книгата со есеи „Златно руно” од Дарко Гашпаровиќ, кој беше член на Хрватското друштво на писателите и еден од водечките хрватски мислители и интелектуалци. Тој посебно се занимаваше со хрватско-македонските културни односи и врски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

scroll to top