јануари 9, 2017

Охрид/Струга, 9. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Постапувајќи по констатирани неправилности, Царинската управа на Република Македонија во месец декември 2016 година до надлежните јавни обвинителства поднесе 16 кривични пријави против 8 правни и 17 физички лица.

Од вкупниот број на поднесени кривични пријави, две се поднесени до Основното јавно обвинителство во Струга, а едно до Основното јавно обвинителство во Охрид.

До ОЈО Струга е поднесена кривична пријава против Л. Д. М. и В. С., двете државјанки на Романија, кои на 9 декември 2016 година со возило со италијански регистарски ознаки се пријавиле на влез во Македонија на Граничниот премин Ќафасан. При извршена контрола на возилото во задниот браник, во задното лево и десно крило како и во левиот и десниот страничен праг биле пронајдени вкупно 27 пакетчиња наполнети со марихуана со вкупна тежина од 11 килограми. Осомничените биле предадени на судија на претходна постапка во Основниот суд Куманово кој им одредил мерка притвор во траење од по 30 дена.

Исто така, до ОЈО Струга е поднесена кривична пријава против правно лице од Кичево и одговорното лице Г. И. од Кичево, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. На 28 април минатата година во царинската испостава Струга, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена разна стока со вкупна количина од 50 колети со потекло од Република Турција. По извршениот преглед на декларираната стока за увозно царинење, од страна на царинските службеници биле пронајдени 260 парчиња маици со ознаки на заштитени трговски марки.

Поради повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма до ОЈО Охрид билс поднесена кривична пријава против правно лице од Охрид и одговорното лице К. К. од Охрид. Лицата се под основано сомнение дека сториле кривично дело повреда на права на индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма. На 3 мај минатата година во царинската испостава Охрид, за потребите на пријавеното правно лице, со една увозна царинска декларација била пријавена разна стока со вкупна количина од 768 колети со потекло од Турција. По извршениот преглед на декларираната стока за увозно царинење, од страна на царинските службеници била пронајдена следната стока: 130 парчиња торби, 450 парчиња маици и 270 парчиња детски комплети, сите со ознаки на заштитени трговски марки. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука