јануари 11, 2017

Охрид, 11. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Според најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, денеска за целата држава се предвидуваат ниски температури од алертна (жолта) фаза, освен во полошкиот регион (Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод) каде се предвидуваат пониски температури кои спаѓаат во портокалова фаза, соопшти Министерството за здравство.

Препораките за ослободување од работни обврски на бремените жени и хронично болните лица над 60 години остануваат да важат само за регионот зафатен со портокалова фаза (полошки регион – Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод).

За работниците кои работат на отворено во полошкиот регион зафатен со портокалова фаза се препорачува да се внимава работните обврски да ги практикуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи на секои два часа, по половина час во топла просторија, и со топли пијалаци.

Се препорачува без неопходна потреба да не се излегува од дома, да се носи топла облека, да се консумираат топли напивки и да се избегнува консумација на алкохол. Воедно се препорачува внимателност при движење на лизгави површини. (Крај)

извор: moh фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука