јануари 12, 2017

Скопје, 12. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната Банка на Република Македонија ги разгледа состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

По намалувањето во декември 2016 година, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и таа да изнесува 3,5%, а понудата на благајнички записи да се зголеми од 23.000 милиони денари на 25.000 милиони денари.

– Ваквата реакција на монетарната политика е одраз на понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти и на растот на структурната ликвидност на банкарскиот сектор. Во однос на економската активност во македонската економија, бројот на показателите за четвртиот квартал од годината расположливи досега е ограничен, а нивното движење дава различни сигнали, поради што засега тешко можат да се дадат попрецизни оцени. Последните податоци за инфлацијата за 2016 година покажуваат дека просечната годишна промена на домашните потрошувачки цени останува во негативната зона (-0,2%, во просек), при пониски цени на храната и енергијата. Од друга страна, базичната инфлација бележи позитивни годишни стапки на раст, велат од НБРМ.

На седницата беше констатирано дека во декември ликвидноста во банкарскиот систем забележа релативно висок месечен раст, главно поради интервенциите на Народната банка за откуп на девизи од банките поддржувачи (во износ од 63,45 милиони евра).

– Банките имаа вишок девизи генериран од поповолните движења во трансакциите со клиентите, пред сѐ со фирмите. Исто така, зголемена понуда имаше и од менувачниците, како сезонски ефект пред божиќните и новогодишните празници, додека со физичките лица беа регистрирани стабилни движења и нето-откуп на девизи. Со овие движења во декември, вкупните остварувања на девизниот пазар во последниот квартал од годината се исклучително поволни, при што банките во трансакциите со клиенти остваруваат нето-откуп на девизи втор последователен квартал. Остварувањата на девизниот пазар, како и приспособувањето на високите девизни позиции на банките во услови на зголемено кредитирање со валутна компонента, овозможија Народната банка да откупи вкупно 182,75 милиони евра во втората половина од годината, што е повеќе од продажбите во период на нестабилност на девизниот пазар во вториот квартал, додаваат од Народната банка.

Податоците за девизните резерви во декември покажуваат раст, пред сѐ како резултат на интервенциите на НБРМ со откуп на девизи, што упатува на поволни платнобилансни текови. Девизните резерви се повисоки во текот на целата 2016 година, со најизразен ефект врз нивниот раст од трансакциите на државата и девизните депозити на банките кај НБРМ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука