јануари 12, 2017

Охрид, 12. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридската компанија „РИ-ЕП Травертин ДОО“, која се занимава со производство на комерцијални блокови, масивни елементи и плочест материјал, повеќе пати досега се потврдила на светскиот пазар, како една од бизнис лидерски компании во својата област.

Генерален извршен директор на „РИ-ЕП Травертин“ од Охрид е Владимир Станковски.

Друштвото за производство на комерцијални блокови, масивни елементи и плочест материјал „РИ-ЕП ДОО“ – Охрид активно се занимава со експлоатација на травертин и негова преработка од 1995 година.

За успесите на компанијата и отворањето на нови можности за соработка и планирање извоз, Супер радио поразговора со Генералниот извршен директор, Станковски.

Супер радио: Друштвото за производство на комерцијални блокови, масивни елементи и плочести материјали „РИ ЕП ДОО“ Охрид е препознатливо по преработка на најдобриот македонски природен камен. Како етапно во изминативе години го проширувавте Вашиот домен на работа и производство?

Станковски: Проширувањето на нашиот домен на работа се одвиваше и се одвива благодарение на квалитетот на нашиот камен и преубавиот дизајн кој природата му го дала. Доменот на работата и самата работа се зголемува преку добро организирана и висококвалификувана екипа. Обуката и соодветната едукација е многу потребна при изборот на соодветен камен, потоа претворање и преработка на сировиот камен во импресивни плочи, скали и рустични бајновидни производи.

firmaRI EP

Супер радио: Што претставува за Вас најголема мотивација за работа?

Станковски: Покрај убавината, нашите производи имаат примена насекаде во градежништвото. Во целокупното постоење на компанијата сите клиенти кои ги користеле нашите производи биле презадоволни пред се од квалитетот кој го добиваат. Причина повеќе да работиме со поголема мотивација е задоволството на нашите клиенти. Нивните пофалби и препораки за нас се највредна награда.

Супер радио: Вашата компанија имаше успешно претставување на саемот Камине – Стоне во Познан, Полска. Какви Ви се впечатоците и искуството од таму?

Станковски: Нашата презентација таму беше многу успешна. Направивме многу контакти и од сето тоа очекуваме да воспоставиме долгорочна соработка со повеќе фирми од тој регион. Самиот саем беше организиран на многу високо ниво, и за изложувачите и за посетителите. Беше обезбеден голем простор и доволно можности за изложување и презентации. Сè на сè, би рекол дека ова е потребно искуство за секоја компанија што сака да успее во овој домен.

DCIM100MEDIADJI_0743.JPG

DCIM100MEDIADJI_0743.JPG

Супер радио: Која е придобивката за една реномирана компанија да биде презентирана на еден ваков саем?

Станковски: Производите кои се пласираат на домашниот и странскиот пазар станаа несомнено популарни за пазарите на Североисточна Европа. Проширувањето на други пазари и зголемувањето на присуството на истите е во основа на секоја профитабилно ориентирана компаниска стратегија. Со тоа се јавува потреба за зголемување на производните капацитети а тоа го повлекува и профитaбилното работење на компанијата. Придобивката од едно вакво претставување е што воспоставувате првичен контакт и донекаде станувате препознатливи. Понатаму, доколку го имате и одржувате квалитетот, сигурно ќе ја постигнете целта. Покрај саемот за камен во Познан – Полска, каде беше успешно презентиран травертинот, уште еден значаен саем каде „РИ ЕП“ ги изложи своите производи беше најголемиот саем за камен во Европа – Мармомак – Италија. Резултатот од присуството таму веќе е видлив преку склучени и реализирани неколку договори за испорака.

Супер радио: Колкаво е значењето на соработката меѓу компаниите од Вашиот профил?

Станковски: Значењето на една таква соработка е многу големо и несомнено би резултирало со успех и профит за сите. За жал моменталната состојба во овој сектор во Македонија е тоа што фирмите меѓусебно многу повеќе се гледаат конкурентски, што не е само по себе проблем, затоа што конкуренцијата го унапредува пазарот. Но, проблемот лежи во тоа што не се воспоставени и партнерски односи, всушност преработувачите на камен треба да влезат во симбиотски односи. Со заедничко и партнерско настапување се отвораат уште поголеми можности.

Saem Marmomacc_Verona 2016 (4)

Супер радио: Каде сè ги пласирате Вашите производи?

Станковски: Нашата компанија е извозно ориентирана. Извозот е претежно во Европските земји како Чешка, Словачка, Полска, Италија, Холандија, Бугарија и други. На овие пазари нашите продукти се високо ценети и често применувани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука