јануари 14, 2017

Охрид, 14. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот и македонски врвен гитарист и професор, Дамјан Пејчиноски од неодамна ја доби титулата Доцент на Музичката Академија во Скопје.

Изготвувањето на програмата на смерот на кој предава Пејчиноски, е лично негово, со цел, како што вели, да може да ја следи работата на студентите во текот на целата академска година, а не само на крајниот испит.

Блажеска, Спироски, Миладинов, Василевски, се дел од младите гитаристи, во кои Пејчиноски полага многу надежи и им го покажува патот како да се стане добро едуциран музичар, подготвен за пронаоѓање на својот дел од сцената.

Во ова интервју за Супер радио и OhridPress, Пејчиноски искажува доста ставови околу работата со млади таленти, актуелните музички текови и дел од неговите професионални ангажмани.

Супер радио: Колкава одговорност за еден виртуоз како што сте Вие повлекува добивањето на титулата Доцент на Музичката Академија во Скопје?

Пејчиноски: Чест ми е што добив ваква тутула, затоа што вработувањето сеуште ми е хонорарно, не е регулирано на прав начин. Во поглед на одговорноста, секогаш сум бил одговорен и се трудам тоа да го пренесам и на студентите. Без разлика што и да се прави во животот, мора да се има степен на одговорност, бидејќи нема големи дела без голема одговорност.

Супер радио: Како изгледа работата со млади луѓе, ученици, студенти, на кои треба да им се пренесе знаење? Како ќе се поставувате во иднина кон младите со кои ќе имате можност да работите и да ги подучувате?

Пејчиноски: Овој смер каде што предавам јас, е релативно нов, веќе петта година сум таму, а се вика Популарни жанрови. Бевме доста флексибилни околу изготвувањето на програмата, така што јас сам ја изготвив програмата и начинот на кој ќе се одвиваат студиите по гитара. Креирав еден интересен систем, преку кој што поважно ми е што ќе сработат студентите во текот на целата академска година, отколку она што ќе го покажат на испит. Секој студент е должен во текот на семестарот да достави три видеа од најразлични работи, дела кои ги работиме, од кои едно, конкретно, е аранжирано дело или дело кое што ќе треба да го прочита преку ноти, друго е џез стандард, на кое што ќе покаже она што сме го сработиле како вокабулар, а третото дело е по избор, каде што ќе ги покаже неговите технички и музички умешности, со тоа што ќе го свири она што го сака. Од сите овие дела, јас ќе можам да формирам оценка за тоа што студентот го сработил. Така ќе знам дека работел во текот на целата година. Тоа ќе се види на видеото и ќе знам колку време студентот потрошил за да го покаже најдоброто. А доколку само чекаме на испит, нема да знам дали студентот свири добро или лошо, дека не вежбал, или тоа се должи на трема.

damjandocent

Супер радио: Од досегашните искуства и работата со млади, во кој музички правец младите гитаристи кај нас најмногу се ориентираат, се насочени, или да речеме, имаат најголема желба да го изучуваат?

Пејчиноски: Мислам дека за класичната гитара треба поединецот да се определи уште од многу мал. Доколку дојде во контакт со некоја малку поинаква музика, и го заинтересира таа, тогаш сигурно нема да биде класичен гитарист во животот. Денеска најразлични стилови ние обработуваме на Академијата, каде што добро е да се најде насоката во која што еден гитарист сака да се движи и да му се даде поддршка во тој смер. Јас имам познавање во повеќе стилови, бидејќи сум таков, сакам да експериментирам со различни стилови. Се надевам дека можам на студентите да им пренесам, ако не многу, барем доволен број на информации, за да можат тие понатаму да се надоградуваат. Различна е ориентацијата на младите гитаристи во кој стил се упатуваат. Најлесната е онаа, да свират Балканска музика, што и не е лошо, а е подобро за егзистенција, отколку да се биде ентузијаст и да се биде човек кој сака да ризикува малку, па да види понатаму дали може да направи некоја интернационална кариера. Како што кажав, најлесното е да се ориентира човек балкански, ќе се заработува добро, но сепак, тоа не е веќе академска школа, тоа е веќе еден друг тип на школа, „кафанска“ школа, што е исто така школа во животот.

Супер радио: Нашата Мартина Блажеска често Ве спомнува како ментор. Кои се други млади, кои можеби не се толку познати за јавноста, а кои одат по нејзините патеки?

Пејчиноски: Има доста. Има едно момче, се вика Ангел Спироски, тој е исто така мој ученик, кој подоцна се ориентираше кон композиција. Има доста награди кои ги освојувал, претежно први награди на разни конкурси по класична музика. Имам и други студенти од Академија. Дел од нив се Стефан Миладинов, Христијан Ристески, Кирил Василевски, уште многу, да не ги набројувам.

damjanpejcinovski

Супер радио: Настрана работата со млади, во континуитет сте активни со дуото Shine, заедно со Јордан Манов. Имате голем број на настапи низ клубовите во цела Македонија. Еден период посебно бевте активни низ Источна Македонија, каде публиката со задоволство Ве сака и слуша. Но, често свирите и во Охрид. Кои Ви се моментално цели во прв план со дуото?

Пејчиноски: Работиме и на наша авторска музика, без разлика што во последно време сме доста ангажирани на шоу. Имаме доста згуснат распоред на настапи. Сакаме да продолжиме со настапите и да креираме нешто. Имаме доста демо снимки, се надеваме дека ќе излезат тие во еден посериозен процес, да ги направиме песните да звучат што подобро. Ќе најдеме време да го усовршиме тој креативен процес, да извадиме некоја интересна песна. Инаку сум доста активен и со моето трио, Дамјан Пејчиноски Трио, со кое што свириме инструментална музика, почнувајќи од џипси – џез, класични дела во џез варијанта, потоа jazz – fusion, малку македонско етно.

shine

Супер радио: Публиката во Скопје имаше можност како трио да Ве слуша во рамките на музичкиот циклус на Јавна соба – Twelve Moons of Jazz. Нешто од искуството од овие настапи, каква е публиката на еден ваков концепиран настан, за разлика од публиката која доаѓа на Вашите ноќни свирки и забави?

Пејчиноски: Публиката е одлична. Ако е добро изрекламирано, ќе дојде баш таа публика која сакаме да дојде, така што мислам дека слушателите се и жедни за таков стил. Она што би можело да се подобри, се сцените, озвучувањето и оној пристап, луѓето да уживаат, не само аудио, туку и визуелно.

twelvemoonsofjazz

Супер радио: Како виртуоз на гитара и голем познавач на музичките текови, посебно во својата област, какво е Вашето мислење за крос-овер артистите, кои доста се на сцена во последно време?

Пејчиноски: Секое време си носи свој стил на музика, така што, ние не сме само музичари, туку на некој начин и должни да понудиме забава. Ако на некои луѓе тоа им се допаѓа и има голем број на следбеници, значи дека тоа е добро, нема како да е лошо. Но, за музичар, кој сака да направи нешто поквалитетно, подобро е да најде една формула, која ќе е заедничка, да има и доволно комерцијален момент, но и да има доволен музички момент, за да не се изгуби тој квалитет. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука