јануари 18, 2017

Охрид, 18. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ ја известува јавноста дека написите кои вчера се појавија во дел од медиуми во врска со празникот Водици не потекнуваат од Охрид ЅОЅ ниту пак на кој било начин ги застапуваат видувањата на групата.

– Овие написи се лажно доставени во име на Охрид ЅОЅ во обид да се руши угледот на Иницијативата и да се манипулира со јавноста. Ја замолуваме јавноста да има предвид дека ниедно наше официјално соопштение откако сме основани не е напишано со елементарни непознавања од правопис, со „научни“ гафови од колосални размери и без трошка општа култура каков што е профилот на лажните соопштенија кои не првпат се пуштаат во оптек во моменти кога ние со јавноста споделуваме непобитни докази за криминалното делување на Општина Охрид. Дополнително, сите наши соопштенија секогаш и без исклучок се објавуваат прво на ФБ страницата на Иницијативата во форма на белешка. Ако нема белешка, значи дека соопштението не потекнува од нас. Ги замолуваме сите медиуми и сите добронамерни наши поддржувачи и сограѓани да не дозволат да бидат изманипулирани. Официјалната комуникација со нас се одвива исклучиво по два канала: официјалниот мејл ohridsos@gmail.com и во сандаче на нашата официјална ФБ страница, велат од Охрид SOS.

Додаваат дека Охрид ЅОЅ постои единствено за да се бори со криминализирани институции кои ги газат основните човекови права и слободи и кои за тесни интереси неповратно и бескрупулозно ја уништуваат животната средина.

– Во таа насока, ги замолуваме медиумите кои веќе го објавиле лажното соопштение истото да го повлечат со што ќе покажат дека ни се сојузници во борбата за заштитата на извонредната уникатност на регионот и во борбата за владеење на правдата пред која сме еднакви сите, велат од Охрид SOS. (Крај)

извор: Охрид SOS фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука