јануари 21, 2017

Охрид/Струга, 21. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на проектите поддржани на годишните конкурси по одделни области и активности од културата за 2017 година и годинава ќе се реализираат голем број концерти, меѓународни манифестации од музичко-сценски карактер, визуелната уметност.

НУ Центар за култура „Григор Прличев“ од Охрид, пак доби поддршка за активности на Градскиот хор.

Додека НУ БИБЛИОТЕКА „Григор Прличев“ ќе ја организира манифестацијата Прличеви беседи – Охридска визита, доби средства и за збогатување на книжниот фонд, Промоција на книгите кои со одлука на Владата на РМ се доделени на Библиотеката и се наменети за продажба, како и за Автоматизација на библиотечни процеси, Заштита на движното културно наследство (библиотечни добра) и 4-от дел од проектот „Звучна библиотека“. Годинава ќе има адаптација на простории со опрема (мебел) за библиотеката.

Проектите од оваа област на културната сфера за Охрид и Струга ги предводи НУ Охридско Лето – Охрид за организирање на манифестацијата Фестивал „Охридско лето“.

Годинава во НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, ќе се организира настанот Концерти 2017 – „Музички корени 2017“. Во Струга исто така, Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) ќе го донесе Циклусот концерти на ансамблот за современа музика „Кон Темпора“ 42, преку Музичко – научна манифестација „Струшка музичка есен“. Во Струга ќе биде организиран и Концерт на духовна музика – Енхалон, додека Шкељзен Бафтиари ќе одржи рецитален концерт.

Здружението „Акапела“ од Струга ќе организира Концерт на хорот „Акапела“, а ЗИПУК ,,Проарс” – Струга доби поддршка за Годишна програма на професионалниот хор „Проарс“. Стружани ќе го погледнат и Фестивалот на стилизирани песни и ора „Кенге Јехо“.

Струшкиот центар за култура ќе може да го збогати книжниот фонд, ќе има набавка на домашни и странски публикации (за Подрачна библиотека „Ристо Попески“ во Вевчани).

Во делот на фолклорните фестивали и настани, Министерството за култура даде поддршка за манифестациите во Охрид: „Бисери“, Охридски староградски средби и Балкански фестивал на народни песни и игри, а фолклорниот ансамбл „Отекс фолк“ ќе добие средства за набавка на оригинални автентични носии од областа Мариово за кореографијата женска „Тресеница“.

centarzakulturastruga

Во Струга и годинава ќе се одржи Мултиетнички фестивал за деца
– Струга 2017 Фолклорен мост. Здружението за етнокултура „Виа Кандавиа“ од Струга ќе реализира инвентаризација на Музејот за етнокултура „Виа Кандавиа“ во селото Ливада и негова промоција во училиштата низ Македонија, а Здруженито на културно уметничкото друштво „Дримкол“ од Вевлани ќе го реализира проектот „Пејте лазарки по куќите, по куќите вевчански полни рамни“.

Ќе се одржи манифестацијата Струшки вечери на поезијата, а продолжуваат меѓународните соработки преку проектот „Верополис“ – (Verosopolis/E(m)erging: A Europe – Wide Literature Platform) 2017. Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга ќе изврши санација и реконструкција на платото и на скалите на влезот во дирекцијата, како и замена на влезните врати во библиотеката и во дирекцијата.

Поддршка има за интернационален фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, потоа за ЗРАДД Долни Дримкол од Луково, Струга за 5-та по ред Манифестација „Долни Дримкол, култура и традиција“.

Годинава „Авард промотион“ ќе го организира концертот на фолк пејачот Наум Петрески – 30 години јубилеј.

Нешто ново ќе биде концертот кој ќе го организира охриѓанецот Ѓоко Алоски преку проектот „Етно викенд во Охрид и Ресен“.

Во делот на изложбите ЦК „Браќа Миладиновци“ од Струга ќе реализира Меѓугалериска соработка, Годишна ликовна изложба на ликовни уметници од Струга „Дримон 4“ – колективна изложба. Потоа ЗУК „А-3“ од Струга ќе организира Изложба на апсолвенти 2017, а нема да изостане и Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука