март 3, 2017

Вашингтон, 3. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вашите прехрамбени навики во голема мера влијаат на вашето здравје, велат од Американското здружение на кардиолози.

Здружението во една своја студија ја потенцира важноста на избалансираната исхрана. И во оваа студија и по којзнае кој пат е нагласено дека појадокот е најважниот оброк во текот на денот. Утрински подготовки за на работа, брзање, се можеби најчестите причини за прескокнување на појадокот. Или едноставно, зависи индивидуално кој како ги започнува работните обврски, па едноставно наутро не чувствува глад и го избегнува појадокот. Како и да е, според авторите на студијата, ова е лоша навика, која за последица има зголемената стапка на дебелина и поголем ризик од кардиоваскуларни болести и дијабетис тип 2. Луѓето кои сабајлечки не појадуваат и се трудат да бидат гладни во текот на целиот ден, па јадат обилно пред спиење, со намера дека ќе симнат некое килце, всушност си прават штета и шок на организмот, па автоматски имаат контраефект. Со изгладнувањето телото акумулира поголеми резерви на храна после секој внесен оброк. Доколку обилно јадете навечер, телото нема каде да ја потроши, па сиот вишок си го складира во масти.

Авторите на студијата нагласуваат дека времето на оброците е подеднакво важно како и содржината на самиот оброк. Па, еве следново нека ви послужи како совет, кој ќе го претворите во навика. Појадокот не го прескокнувајте, порано вечерајте, а меѓу оброците да не правите паузи поголеми од пет часови. (Крај)

извор: Курир фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука