март 21, 2017

Скопје, 21. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Српско – американскиот поет Чарлс Симиќ е годинашен добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.

Тој е роден во 1938 година во Белград, а подоцна емигрирал во САД. Се смета за еден од најзначајните современи американски поети, есеисти, критичари и преведувачи.

Симиќ за своите дела е добитник на бројни реномирани книжевни награди, како што се „Пулицеровата награда“, наградата „Едгар Алан По“, наградата на Американската академија, меѓународната награда „Грифин“ за поезија, наградата „Валас Стивенс“, наградата на Конгресната библиотека во Вашингтон, наградата на српскиот ПЕН центар за превод на српската литература, медал „Роберт Фрост“ за животно дело во доменот на поезијата, награда „Вилчек“ за уметност и хуманистика, како и наградата „Босански стечак“ на меѓународната поетска манифестација „Сараевски денови на поезијата“.

Чарлс Симиќ е 52-от лауреат на СВП. Тој испрати писмено обраќање во кое наведува дека е почестен што ќе се најде во редот истакнати свои колеги кои се досегашни носители на ова високо признание.

Наградата ќе му биде врачена во Струга, на 56. издание на најреномираниот поетскиот фестивал кај нас, кој традиционално се одржува на крајот на август. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука