март 29, 2017

Охрид/Струга, 29. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Координациското тело на регулаторните институции за финансиска едукација во Македонија коешто го сочинуваат Народната банка на Република Македонија, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, МАПАС и Комисијата за хартии од вредност, во неколку градови во Македонија ќе организираат активности за одбележување на Глобалната недела на парите.

На 7 април претставници на Народна банка на Македонија ќе реализираат посета во основните училишта во Охрид и Струга.

Глобалната недела на парите трае од 27 март до 2 април.

За првпат во Македонија се организираат ваков вид активности од поголем обем, а целта на активностите е да се подигне нивото на финансиска писменост кај младото население на Република Македонија. За време на посетите се изведуваат едукативни предавања на теми од областите на институциите што ги покриваат, односно од областите на парите, штедењето, тргувањето, банкарскиот сектор, инвестирањето, осигурувањето, пензискиот сектор и други теми поврзани со функционирањето на финансиските системи.

Глобалната недела на парите, во организација на Меѓународната организација за финансиска едукација на деца и млади (Child and Youth Finance International), се одржува на светско ниво уште од 2012 година, во чиишто рамки се одржуваат преку 4000 активности во кои се вклучени над 6 милиони деца и млади во повеќе од 130 земји и повеќе од 1000 организации и институции. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука